Муцунски: Нема план за мигранти од Велика Британија

Македонската Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма. Ова денеска го порача министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој се вклучи во полемиката околу наводниот таен план за прием на мигранти од Велика Британија.

„Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана, ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина“, напиша Муцунски на социјалните мрежи.

Според него, стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели на меѓусебно почитување и доверба, како и на соработка во политиката, економијата и безбедноста. „Тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој, отвораат работни места и носат придобивки за граѓаните – а не сценарија измислени за дневнополитички потреби“, додаде тој.

Темата за наводно прифаќање мигранти, според Муцунски, е класичен дневнополитички обид за дефокус, последица на нискиот рејтинг и безидејноста на СДСМ. „Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста“, нагласи тој.

Обвинувањата на СДСМ
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, претходно изјави дека премиерот Христијан Мицкоски подготвува избори за да го протне проектот „Мигранти за пари“. Според него, власта не сака да ја потпише Резолуцијата против мигранти, чекајќи ги изборите за потоа да ги смести во станови и да им даде вработување.

Одговорот на ВМРО-ДПМНЕ
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека единствениот политичар кој работел на населување мигранти е токму Венко Филипче, како министер во Владата на Заев во 2018 година. Партијата објави документ од „Службен весник“ за план за изградба на прифатен центар во Бардовци.

Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека „Филипче и СДСМ имале партиска политика за населување мигранти“ и дека актуелната полемика е обид за дефокус од криминалите на претходната власт.

 

 

 

DW