Николоски: Владата преку Министерството за транспорт и Министерството за финансии овозможува силна поддршка на Град Скопје за реализација на проектот брз автобуски превоз – БРТ.

На денешната седница на Влада на Северна Македонија беше потврдена подготвеноста за реализација на проект за воспоставување нов современ градски сообраќаен систем во Скопје, со цел подобрување на ефикасноста и економичноста на транспортната мрежа во главниот град.

Како што информираше вицепремиерот Александар Николоски, проектот предвидува изградба на две линии – една во правец Исток–Запад и втора во правец Север–Југ. Во рамки на системот е планирана набавка на CNG/хибридни нископодни БРТ возила, воспоставување патнички информативен систем, поставување паметни станици, како и интеграција во системот за управување со сообраќајот во градот.

Проектот ќе се реализира со заем од 70 милиони евра обезбеден со поддршка од Европска банка за обнова и развој, при што Владата средствата ќе ги префрли до Град Скопје како неповратни средства.

Според најавите, рокот за завршување на проектот е февруари 2029 година. Од Владата посочуваат дека развојот на главниот град ја наметнува потребата од нови сообраќајни решенија кои ќе овозможат поефикасен и побрз транспорт за граѓаните.

Во реализацијата на проектот ќе учествува и Министерство за транспорт во соработка со Град Скопје, со цел обезбедување на потребната инфраструктура. Дополнително, со проектот за градски воз и набавката на нови електрични автобуси се планира воспоставување комбиниран систем на јавен превоз кој значително ќе ја подобри точноста и ефикасноста на транспортот во Скопје.