Обвинителството отвори предмет за пропусти на социјалните служби во случајот со семејното насилство во Карпош

Обвинителството оформи предмет за проверка на постапувањето на социјалните работници во случајот во кој, по континуирано семејно насилство, Ивана Јовановска и нејзината ќерка трагично ги загубија животите по пад од шестиот кат во Карпош. Ќе се утврдува дали констатираните неправилности содржат елементи на кривично дело што се гони по службена должност.

Јавното обвинителство соопшти дека се постапува врз основа на информациите објавени во медиумите за утврдени пропусти при инспекцискиот надзор на Центарот за социјални работи (ЦСР).

Проверки ќе се вршат и во МВР, по информациите коишто ги објави „Слободен печат“ дека на 19 јануари на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, Стојанче ја турнал Ивана по скалите по што таа паднала во бесознание и била повикана полиција.

„Запознаени сме за настанот, детално ќе биде проверен од страна на Одделот за внатрешна контрола и ќе ја известиме јавноста“, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Проверки во ЦСР по наводни пропусти

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, деновиве информираше дека инспекцискиот надзор покажал дека стручните работници не воспоставиле непосреден контакт со жртвата и покрај тоа што била закажана средба.

Лимани изјави: „Неправилностите се однесуваат на пропуст во остварување непосреден контакт и увид во домаќинството на жртвата, иако постоеле телефонски и административни контакти. Секое евентуално ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди. Ако постои одговорност, таа мора да биде преземена согласно законот“.

 

 

DW