Турција отсекогаш сакала да се позиционира како посредник меѓу Истокот и Западот, негувајќи дипломатски односи и со ЕУ и со државите од Блискиот Исток. И во спорот меѓу САД и Иран, Анкара повеќепати се обиде да преземе посредничка улога – безуспешно. Вашингтон не можеше да се одврати од напад, а и Техеран не се откажа од својата позиција.
Во најновите изјави на турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, по дипломатските напори од минатите години, се чувствува извесна доза на фрустрација: војната можеби само била одложена, вели Фидан. Тој зборуваше за телефонски разговор со Вашингтон што се одржал уште кон крајот на јануари: „Ме повикаа среде ноќ“, рече Фидан. Веднаш сфатил колку опасна била ситуацијата уште тогаш и веднаш го известил претседателот Реџеп Таип Ердоган. „Тоа беа многу мрачни моменти. Секоја минута очекувавме избувнување на војна или прв напад“, додава Фидан.
Комплексен конфликт со повеќе ризици
Анкара стравува дека војната со Иран може брзо да прерасне во пожар што ќе го зафати целиот регион. Турција со Иран има граница долга околу 530 километри и сега се грижи за хуманитарните, економските и политичките последици.
Турција го гледа актуелниот конфликт како сложена криза со повеќе ризици: економски стравува од пораст на и онака високата инфлација, недостиг на енергенси и загуби во туризмот; политички ја загрижуваат неизвесните промени на моќта на Блискиот Исток, како и можна повторна ескалација на конфликтите со вооружени курдски групи во регионот. Поради ракетните напади во Иран и Јужен Либан, Анкара очекува и повторно зголемување на бројот на бегалци од двете земји.
Воздржаност во земјата-членка на НАТО
Досега, ниту воената база Инџирлик – која интензивно ја користат американските сили – ниту радарската станица на НАТО во Ќуречик не се нападнати од страна на Иран. Иако во средата (4.03) една балистичка ракета беше пресретната од НАТО-систем, Иран уверуваше дека Турција не била цел. И турски извори блиски до владата во Анкара сметаат дека станува збор за ракета излезена од траекторијата.
Турција останува неутрална и по избивањето на војната води уште поинтензивна дипломатија со САД, ЕУ и земјите од Заливот, повикувајќи ги сите страни да се вратат на преговарачката маса пред конфликтот да се прошири. Сепак, според Синан Улген од истанбулскиот Центар за економски и надворешнополитички истражувања (ЕДАМ), во моментов нема слух за посредничките напори. Во оваа фаза од војната разговори не се разгледуваат, па, според него, дипломатијата е обид за позиционирање во некој подоцнежен момент.
DW




