Според најновата најава од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во текот на ноќта и утрешниот ден се очекува нестабилно време проследено со обилни врнежи од дожд, грмежи, силен ветер и локална појава на град.
Во западните делови на државата во текот на ноќта се очекуваат пообилни врнежи од дожд (над 20 l/m²), а во текот на утрешниот ден локално и над 30 l/m². На повеќе места се очекуваат поројни врнежи, грмежи и краткотрајно невреме проследено со силен ветер, електрични празнења и услови за изолирана појава на град.
Во Полошкиот регион, како и во источните и североисточните делови од државата, ќе дува засилен до силен ветер кој локално ќе достигнува брзина до 60 km/h.
Во Скопје, во текот на ноќта и утрешниот ден се очекуваат врнежи од дожд, а во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со силен ветер, грмежи и локална појава на град.
Според прогнозата на УХМР, од вторник следува период на претежно стабилно и потопло време.


