Повеќе од концерт: Културата ѝ одржа час на политиката

Повеќе од двесте музичари од Македонија, Бугарија и Грција се собраа на заедничка сцена во Скопје за да ја изведат кантатата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Градскиот парк во Скопје минатата сабота беше музичкиот епицентар на грандиозниот концерт.

„Благодаримe Скопjе“ – напиша на неговиот профил на Фејсбук диригентот од Бугарија маестро Најден Тодоров, кој е поранешен министер за култура и иницијатор на овој регионален проект, што почна во Софија, продолжи во Солун и заврши во Скопје. Неговото мото е „културата не е трошок, туку инвестиција во иднината!“, а во повеќе наврати потсетуваше: „Не е клише дека културата гради мостови“.

„Наша цел треба да биде да ја напишеме заедно симфонијата на нашиот заеднички живот, која ќе звучи убаво за нашите деца“, изјавуваше тој и во претходни посети на Скопје.

Повеќе генерации кои беа присутни на концерот под отворено небо може да сведочат на беспрекорната симфонија (грчки збор со значење „единство на звукот“). Во спарната вечер освежувањето го донесоа Македонската филхармонија, Софиската филхармонија, Државниот симфониски оркестар од Солун, хорот на операта во Скопје, детскиот хор од Солун и исклучителни солисти – македонската сопранистка Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов.

„Величествена атмосфера“, „вечер што ќе се памети“, „празник за сите сетила“,беа најчести коментари на присутните на овој спектакл, не само од Скопје, туку и од други градови.

Лекција за политичарите
Кога Скопје, Софија и Солун пулсираат низ заеднички проект тоа е многу повеќе од вест и многу повеќе од концерт. Тој само открива дека можело и може – и подобро, и повеќе.

„Она, за што политичарите во Бугарија треба сериозно да размислат и да зе загрижат, е на какво ниво спаднаа односите меѓу граѓаните на двете земји“, коментира скопјанецот Љупчо Јанев.

„Пријателство, добрососедство, зближување и разбирање не се гради со условувања, вета, историски комисии, протоколи и што ли уште не. Еве вака се гради соработка. Не само преку музиката. Тоа потребно е во сите сфери за да не се оддалечиме уште повеќе отколку што сме сега. Ќе тргнам од мојот пример. Претходно многу често летувавме на црноморскиот брег, посетувавме многу градови во Бугарија, не само пограничните. Последниве шест години ниту еднаш не сме биле таму и не планираме додека не се смени односот кон Македонија. Да зависеше се од културата, сега ќе бевме светлосни години понапред“, коментира тој, со надеж дека културните дејци ќе направат многу поголем пробив од политичарите.

 

 

DW