Дозволете ми најнапред да упатам искрени честитки по повод 25 години од постоењето на Центарот за извонредност во финансиите – организација која во изминатите две и пол децении прерасна во еден од најзначајните центри за знаење, професионален развој и регионална соработка во областа на јавните финансии.
Овој јубилеј не претставува само одбележување на еден временски период. Тој претставува признание за една мисија која четврт век придонесува за создавање подобри институции, подобри политики и подобро управување со јавните ресурси во целиот регион.
Во време кога светот се менува со невидена брзина, кога економските текови стануваат сè покомплексни, а предизвиците со кои се соочуваат државите се сè поголеми, знаењето и институционалниот капацитет стануваат најважниот капитал на секоја држава.
Токму затоа улогата на Центарот за извонредност во финансиите денес е исклучително важна. Во текот на своето постоење, оваа организација обучи десетици илјади професионалци, организираше илјадници настани и создаде мрежа на соработка која ги поврзува институциите низ целиот регион. Но нејзината најголема вредност е тоа што создаде култура на учење, размена на искуства и заедничко градење решенија за предизвиците со кои се соочуваат нашите држави.
Особено значајно е што Центарот уште од своето формирање препозна дека вистинскиот напредок не доаѓа само преку донесување закони и стратегии, туку преку создавање луѓе кои имаат знаење, интегритет и капацитет тие политики успешно да ги спроведуваат. Во тој контекст, придонесот на оваа организација е далеку поголем од бројот на реализирани програми или учесници на обуките. Нејзиниот придонес се гледа во институциите кои денес функционираат подобро, во администрациите кои се поефикасни и во финансиските системи кои се постабилни и поотпорни.
Почитувани присутни,
Силните јавни финансии не се само економска категорија. Тие се темелот врз кој се гради секоја успешна држава. Тие се предуслов за инвестиции во образованието, здравството, инфраструктурата, безбедноста и севкупниот развој на општеството.
Затоа ние како Влада сме цврсто определени кон градење стабилни, одговорни и транспарентни јавни финансии. Веруваме дека секој денар од парите на граѓаните мора да биде управуван домаќински, отчетно и во интерес на јавноста.
Во тој процес Министерството за финансии има клучна улога.
Сакам денес јавно да ја истакнам работата на министерката за финансии и нејзиниот тим, кои со својата посветеност, професионалност и сериозен пристап покажуваат дека финансиската дисциплина и развојот не се спротивставени цели, туку процеси кои мора да одат рака под рака.
Во време на бројни глобални економски предизвици, тие покажуваат дека е можно истовремено да се одржува стабилноста на јавните финансии, да се реализираат капитални инвестиции, да се поддржува стопанството и да се создаваат услови за економски раст.
Резултатите од таквиот пристап веќе се видливи.
Според последните официјални податоци, во првиот квартал од годинава Македонија оствари раст на Бруто домашниот производ од 3,2 проценти, што нè позиционира меѓу првите пет економии во Европа според стапката на економски раст. Истовремено, минатата година беше забележан историски рекорд кај странските директни инвестиции од 1 милијарда и 255 милиони евра, што претставува највисок износ досега регистриран во нашата држава.
Овие бројки не се само статистика. Тие се потврда дека стабилните јавни финансии, одговорните економски политики и реформите што ги спроведуваме создаваат доверба кај инвеститорите, ја поттикнуваат економската активност и отвораат нови можности за развој. Тоа е доказ дека кога институциите работат посветено, а политиките се темелат на знаење, дисциплина и јасна визија, резултатите не изостануваат.
Она што особено радува е што овие резултати не се изолирани показатели, туку дел од еден поширок позитивен тренд. Денес имаме раст на индустриското производство, раст на извозот, раст на просечните плати и постепено намалување на невработеноста. Тоа се показатели кои зборуваат за економија што се движи напред, за стопанство кое создава нова вредност и за држава која постепено ја враќа довербата кај инвеститорите и бизнис заедницата.
Во изминатиот период успеавме да ја стабилизираме инфлацијата, да обезбедиме предвидлива деловна средина и да ја зајакнеме довербата во економските политики. Тоа е особено важно во време кога голем број европски економии се соочуваат со забавен раст и неизвесност. Токму затоа овие резултати имаат дополнителна тежина и значење.
Истовремено, работиме на реализација на најголемиот инвестициски циклус во поновата историја на државата. Градиме и реконструираме патишта, автопати, железничка инфраструктура, училишта, студентски домови, спортски сали, болници и енергетски капацитети. Тоа не се само инфраструктурни проекти. Тоа се инвестиции во конкурентноста на државата, во подобар квалитет на живот и во иднината на генерациите што доаѓаат.
Сето тоа дополнително ја потврдува важноста на институциите кои се способни да планираат, да управуваат и одговорно да ги реализираат јавните средства. Бидејќи зад секој реализиран проект, зад секоја инвестиција и зад секоја успешна политика стојат луѓе со знаење, искуство и чувство на одговорност кон јавниот интерес.
Почитувани пријатели,
Една од најголемите вредности на Центарот за извонредност во финансиите е неговата способност да ги поврзува институциите и луѓето околу заедничката цел – создавање поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи на управување.
Во свет во кој предизвиците не познаваат граници, ниту една институција не може сама да ги има сите одговори. Затоа се важни партнерствата, соработката и размената на искуства. Токму преку вакви платформи се создаваат нови идеи, се пренесуваат добри практики и се градат институции подготвени за иднината.
Воедно, ваквите форуми нè потсетуваат дека успешните реформи не се резултат на изолирани активности, туку на континуиран процес на учење и приспособување кон новите околности. Денес повеќе од кога било е важно институциите да бидат флексибилни, отворени за нови идеи и подготвени да ги прифатат најдобрите меѓународни практики.
Во таа насока, исклучително ја цениме улогата што Центарот за извонредност во финансиите ја има во јакнењето на професионалните капацитети на јавната администрација. Бидејќи ниту една реформа не може да биде успешна доколку нема луѓе кои знаат како да ја спроведат, кои имаат визија да ја водат и интегритет да ја заштитат.
Затоа инвестицијата во знаење секогаш е најисплатливата инвестиција. Знаењето создава подобри политики. Подобрите политики создаваат подобри институции. Подобрите институции создаваат економски раст. А економскиот раст создава подобар живот за граѓаните.
Нашата држава останува посветена на реформите, модернизацијата на јавната администрација, дигитализацијата на процесите и континуираното јакнење на институционалните капацитети. Тоа не го правиме затоа што некој го бара од нас, туку затоа што знаеме дека тоа е единствениот пат кон долгорочен развој и подобар животен стандард за нашите граѓани.
Убеден сум дека токму знаењето, професионалноста и подготвеноста за постојано учење ќе бидат клучните фактори кои ќе ги одредуваат успешните држави во децениите што доаѓаат.
Овој јубилеј е потсетник дека силните институции не се создаваат преку ноќ, туку се градат трпеливо, со знаење, работа, визија и јасна определба за напредок. Тој е потврда дека вложувањето во човечкиот капитал, професионалниот развој и институционалната соработка носи резултати кои се препознаваат и по многу години.
Во исто време, овој јубилеј е и охрабрување за иднината. Охрабрување да продолжиме да ги зајакнуваме институциите, да вложуваме во луѓето, да учиме едни од други и да создаваме системи кои ќе бидат поефикасни, потранспарентни и поотпорни на предизвиците што ги носи современото време.
Затоа верувам дека и во годините што следат Центарот за извонредност во финансиите ќе остане значаен двигател на реформите, модернизацијата и професионалниот развој во регионот, а неговото искуство и знаење ќе продолжат да им помагаат на институциите да носат подобри политики и подобри резултати за своите граѓани.
На Центарот за извонредност во финансиите му посакувам уште многу успешни години, нови партнерства, нови достигнувања и уште поголем придонес во развојот на јавните финансии и институциите во нашиот регион.




