По разорните земјотреси во Венецуела, спасувачките екипи работат под огромен притисок на времето, пребарувајќи ги урнатините во потрага по затрупани лица. Во спасувачките операции се вклучуваат и странски тимови, додека германската Техничка помош (ТХВ) испраќа екипа со обучени кучиња за пребарување.
На врвот од куп урнатини во Каракас, маж со мегафон повикува на тишина – со цел да се слушнат можни повици за помош под рушевините на урната зграда.
На скали, опкружена со прашина и парчиња стакло и камен, седи Каролина Лопез, која го бара својот партнер. Таа е во шок. „Не знам што да правам. Тоа е единственото што можам да го кажам. Му се молам на Бога за сите нас“, изјавува таа.
Најтешко погоден крајбрежниот регион
Два силни земјотреса со јачина од 7,2 и 7,5 степени го погодија северот на Венецуела во средата навечер. Особено тешко е погоден крајбрежниот регион Ла Гваира, во непосредна близина на главниот град Каракас.
Како и многу други жители, Рошер учествува во потрагата по преживеани под урнатините. „Меѓу 22 часот и 3 часот наутро извлековме осум луѓе живи. Особено граѓаните се самоорганизираат, собираат донации и делат храна“, вели тој.
Бројот на жртви се очекува да расте
Венецуелските власти засега пријавуваат најмалку 235 загинати и над 4.300 повредени.
Многумина остануваат без домови, а околу 250 згради се целосно урнати, додека уште стотици се во опасност од уривање.
Погодените жители ја минуваат и втората ноќ на улица или спијат во своите автомобили, бидејќи не е сигурно дали нивните домови се безбедни. Се стравува дека бројот на жртви ќе продолжи да расте.
„Заостануваме зад ситуацијата“
Инес Адарме исто така се обидува да помогне на настраданите, но е разочарана од реакцијата на властите. Таа ја споредува оваа катастрофа со трагедијата од 1999 година, кога по свлечишта загинаа десетици илјади луѓе.
„Во споредба со тогаш, гледам многу помалку спасувачи и безбедносен персонал“, вели таа. Според неа, земјата не била подготвена за ваков земјотрес. „Имам чувство дека заостануваме зад ситуацијата и дека оваа катастрофа не е приоритет.“
DW




