Жештините ја чинат германската економија милијарди евра

Работна маса покрај прозорец на јужна страна – сончевата светлина и топлината се дефинитивно предност во текот на студените, зимски месеци од годината. Меѓутоа летно време ваквите работни простории без сенки и климатизација стануваат неподносливо жешки. Како последица на климатските промени, во Германија сè почесто има сѐ подолги периоди на жештини со температури и до 40 степени Целзиусови. Ефикасен систем за ладење релативно ретко се наоѓа во Германија. Додека климатизација е практично стандардна опрема во САД, само шест проценти од приватните домаќинства во Германија имаат клима уред. Од објектите со канцеларии и административни простории, 50 проценти во меѓувреме се опремени со системи за ладење.

Термичка изолација наместо заштита од топлина
„Во северните земји, зградите повеќе се дизајнирани да ја задржуваат топлината поради студените зими“, вели економистката Катарина Утермел, која се занимава со истражувања за економски политики во рамки на концернот Алијанц. Таа е ко-авторка на студија за влијанието на топлината врз германската економија, во која се предупредува од огромните трошоци предизвикани од падот на продуктивноста и порастот на трошоците за енергија. Екстремната топлина одамна веќе не е краткорочен временски феномен, туку структурен економски шок.

За човековото тело температури од 30 степени Целзиусови и повисоки од тоа претставуваат значително оптоварување,особено ако организмот не е навикнат на топлината. Концентрацијата опаѓа, потењето се зголемува, а срцето и кардиоваскуларниот систем реагираат. Ова има мерливи последици за бизнисите, вели Утермол за ДВ. „Над 30 степени Целзиусови продуктивноста опаѓа за три проценти со секој степен плус, додека трошоците за енергија растат за 1,2 проценти по степен“, вели таа и објаснува дека луѓето работат побавно, грешките се почести, а машините се прегреваат. Ако е климатизирано, се троши повеќе енергија, а таа е скапа.

Температури над 30 степени: повеќе болни, помалку продуктивни
Најстрашно топлината се одразува на лицата кои работат на отворено – на пример во градежништвото, земјоделието или доставата на пакети. Нивното здравје е акутно загрозено од топлината. Според податоците на Сојузното министерство за труд, бројот на случаи на боледување општо земено се зголемува за околу 3,5 проценти во деновите што надминуваат 30 степени Целзиусови, а при подолготрајни топлотни бранови за цели шест проценти. Тоа исто така значи помала продуктивност.

 

 

DW