Интерпелацијата од Левица, за која Коцевски смета дека е незаконска, според дебатата во парламентот – нема правно дејство. Еден од заклучоците во неа е да се информира Владата за да продолжи со постапка за разрешување. Дали ќе има правно дејство зависи и дали обвинителот сам ќе поднесе оставка, рекоа од СДСМ чиј пратеници не учествуваа во гласањето.
Пратениците во македонското Собрание на пленарна седница денеска (29 јули) со 70 гласа „за“, без ниту еден „против“ и „воздржан“, ја поддржаа интерпелацијата на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски.
Како што можеше да се заклучи и од дебата во Собранието, таа нема правно дејство и понатаму останува на самиот обвинител Коцевски да одлучи дали сам ќе си даде оставка или, пак, на Владата дали ќе продолжи со постапката за разрешување.
Интерпелацијата ја поднесе опозициската Левица, која е на став дека Коцевски треба да замине од функцијата поради нефункционалност и политички влијанија во работата на обвинителството.
Коцевски, кој не присуствуваше на седницата, во пресрет на пратеничката дебата во парламентот, беше дециден дека интерпелацијата е незаконска бидејќи како инструмент не е предвидена со Законот за јавно обвинителство.
Ова е втор пат од почетокот на годинава како републичкиот обвинител се соочува со барање за разрешување. Во февруари, не интерпелација туку предлог за разрешување поднесе Владата, но тој не стигна на дневен ред во Собранието бидејќи власта одлучи да го стави „во мирување“ поради обемната истрага што започна за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во којшто загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени.
slobodnaevropa.mk




