Во Анкара владеат посебни безбедносни мерки заради самитот на НАТО

Во турската престолнина сѐ е подготвено за самитот на НАТО. Завршена е и работата на воениот мегакомплекс „Ај Јилдиз“, познат и како „турскиот Пентагон“. Безбедносните мерки се подигнати на највисоко ниво. Забрането е движење на тешки камиони и градежни машини, како и демонстрации и јавни собири. Се отстранува сè што би можело да го наруши посакуваниот имиџ на градот. Се одведуваат кучињата скитници, просјаците се бркаат од улиците, а долж рутата по која ќе минуваат меѓународните државници се поставени заштитни огради кои спречуваат поглед кон сиромашните населби од Анкара. Лоши вести има и за академиците, адвокатите, политичарите, еколошките активисти, наставниците и пензионерите кои беа уапсени во пресрет на самитот под обвинение за тероризам. Многу од нив ќе останат во притвор. За време на самитот, Анкара практично ќе биде во вонредна состојба. За турската влада самитот на НАТО, кој се одржува на 7 и 8 јули, е од исклучително значење. Анкара сака да ја искористи оваа прилика за дополнително да ја нагласи својата стратешка улога во рамки на Алијансата. Во еден свет кој станува сè понесигурен, Турција веќе не се гледа себеси само како чувар на југоисточното крило на НАТО, туку како држава која сака активно да учествува во обликувањето на клучните безбедносни прашања.

Таква е и проценката на врвните функционери на НАТО. Во интервју за турската државна телевизија, генералниот секретар Марк Руте ја пофали силната и добро обучена турска армија, како и брзорастечката одбранбена индустрија на земјата.

Анкара се стреми кон центарот на моќта во НАТО
Од пристапувањето во НАТО во 1952 година, Турција е еден од важните столбови на колективната одбрана на НАТО. Во изминатите години државата се обидува да се профилира и како посредник во меѓународни кризи, како војната во Украина и тензиите околу Иран. Анкара сака да покаже дека е незаменлив чинител чија важност оди многу подалеку од нејзината географска положба. Дополнителен поттик е неизвесноста околу идната улога на САД. Зачестените расправии околу американските безбедносни гаранции за Европа, предизвикаа дебата во многу земји-членки на НАТО за поголема европска независност во областа на одбраната. Анкара во тоа гледа прилика за дополнително зголемување на своето политичко влијание во рамките на Алијансата.

Тензиите меѓу САД и нивните европски сојузници, како и дискусиите за поголема европска одбранбена автономија, внимателно се следат во Анкара. Доколку Европа развие свој безбедносен и одбранбен идентитет, според Турција тој не треба да биде конкуренција на НАТО, туку да ја надополнува.

 

 

DW