Претставничкиот дом на САД се изјасни за повлекување на американските воени сили од борбените дејства со Иран, при што дел од Републиканците гласаа заедно со Демократите. Со ваквата одлука се засилува политичкиот притисок врз претседателот Доналд Трамп, иако резолуцијата засега нема директни последици.
Претставничкиот дом гласаше против продолжување на војната против Иран, со што дополнително го зголеми притисокот врз Трамп. Во текстот на резолуцијата се наведува дека за секоја воена операција е потребна формална објава на војна од Конгресот. Исклучок се прави само во случаи кога станува збор за одбрана на САД или на нејзините сојузници од непосредно претстојни напади.
Резолуцијата без непосредни последици
За резолуцијата гласаа 215 пратеници, додека 208 беа против. Четворица пратеници од редовите на Републиканската партија на Трамп гласаа заедно со Демократите, со што овозможија нивниот предлог да биде усвоен.
Иако резолуцијата нема директно влијание врз актуелната политика на САД кон Иран, таа јасно укажува на засилување на политичкиот притисок врз претседателот. Ова е особено значајно бидејќи за пет месеци се очекуваат избори за Конгресот. Сѐ поголем број Републиканци отворено се дистанцираат од воената стратегија на Трамп.
Во моментов војната со Иран е во фаза на примирје, а паралелно се водат преговори за можен договор кој би значел крај на конфликтот. Сепак, во изминатите денови повторно беа регистрирани меѓусебни напади.
Можност за вето од страна на Трамп
Резолуцијата од Претставничкиот дом сега треба да биде изгласана и во Сенатот, другата комора на Конгресот. Дури и ако тоа се случи, претседателот има право на вето на одлуката донесена од двата дома.
За да се надмине претседателското вето, би била потребна двотретинска мнозинство, што во моментов изгледа малку веројатно.
Уште пред околу две недели, американскиот Сенат за првпат гласаше за засилување на контролата врз водењето на војната против Иран. И тогаш мнозинството беше овозможено благодарение на четворица Републиканци кои отстапија од партиската линија.
DW




