АХВ: За две години откриени се над 360 тони небезбедни производи

Во изминатите две години, над 360 тони небезбедна храна се спречени да завршат на македонската трпеза, покажуваат податоците од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Станува збор за производи од животинско и неживотинско потекло, меѓу кои млеко, месо и други прехранбени производи.

Според официјалните информации, од границите биле вратени 16 пратки храна од животинско потекло, а три биле уништени. Истовремено, биле забранети девет пратки од неживотинско потекло, додека дури 90 тони увезена храна биле уништени.

И покрај засилените инспекции, во јавноста повторно се отвори прашањето – каква храна консумираат граѓаните, откако беа откриени сериозни неправилности кај млечни и месни производи.

АХВ со засилени инспекции и контрола на храната
„Безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин“, изјави директорот на АХВ, Оливер Миланов.

Тој на настан по повод јубилејот – 15 години од постоењето на АХВ и 7 Јуни, Светскиот ден на безбедноста на храната, посочи дека во 2024 година биле спроведени над 47.200 инспекциски надзори, при што биле изречени 6.770 мерки за утврдени прекршоци.

Контролите се вршат низ целиот синџир на храна – од производство и преработка, до дистрибуција и продажба. Паралелно се зајакнуваат лабораториските испитувања и системите за управување со ризици. „Не дозволивме повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло и над 287 тони храна од животинско потекло да завршат на пазарот“, нагласи Миланов.

Измами со храна – млеко и месо под сомнеж
Освен небезбедната храна, институциите сè почесто се соочуваат и со измами со храна. Според Миланов, најчести се погрешно означување, лажно потекло и манипулации со составот на производите.

Агенцијата за храна деновиве информираше дека во рамките на вонредните контроли биле земени 91 мостра од млеко, млечни и сувомесни производи од домашно производство и од увоз. Од анализираните 45 мостри млеко и млечни производи, кај 10 оператори биле утврдени неправилности. Кај дел од производите имало значително помал процент на млечна маст од декларираниот.

Кај еден производ биле утврдени драстични отстапувања – сирење декларирано со 20% млечна маст содржело само 1%. За тоа била изречена казна од 3.500 евра. Еден оператор користел палмина маст во млечен производ, поради што 500 килограми производ биле повлечени и уништени. И покрај сериозноста на прекршоците, АХВ засега не ги објавува имињата на компаниите. Образложението е дека сè уште се спроведуваат дополнителни испитувања.

 

 

DW