РКЕ разгледува укинување на блок тарифите за струја, а дел од партиите предлагаат „сончева тарифа,,

Најавите за евентуално укинување на блок тарифите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) отвораат суштинско прашање: дали системот за струја ќе стане „поправичен“ или ќе дојде до прераспределба на товарот меѓу домаќинствата, при што едни ќе добијат, а други ќе изгубат.

Дилемата се наметна откако новиот претседател на РКЕ, Ацо Ристов, соопшти дека се анализира методот на пресметка на сметките за струја, кои во моментов зависат од блок тарифите. Ристов вели дека ќе се бара поправично решение за наплата на потрошената електрична енергија во споредба со сегашниот модел. Според него, постои простор за промени, бидејќи граѓаните плаќаат различни цени за ист производ.

„Можно е да воведеме нов, поправичен модел. Неправично е истата струја да се плаќа по различна цена. Не може да постојат повеќе цени за ист производ. Ќе ги разгледаме досегашните искуства и ќе направиме анализа“, изјави Ристов.

Како функционираат блок тарифите за струја
Блок тарифите за струја во Македонија беа воведени во 2022 година со цел да се заштитат домаќинствата со мала потрошувачка, да се амортизира ценовниот шок од енергетската криза и да се стимулира рационално користење на струјата.

Моделот ги дели потрошувачите во четири блокови:

до 210 kWh – најниска цена
211–630 kWh – повисока цена
631–1050 kWh – уште повисока
над 1050 kWh – највисока цена
Основната логика е: кој троши помалку – плаќа помалку, а поголемите потрошувачи плаќаат поскапо.

Новото раководство на РКЕ смета дека е нелогично иста електрична енергија да има различни цени и дека системот создава неправичност, бидејќи не се базира исклучиво на пазарни принципи. Поради тоа, се разгледуваат две опции: укинување на блок тарифите и воведување нов модел со помала ценовна прогресија

 

 

DW