САД ги заоструваат правилата за аплицирање за Зелена карта

Апликациите за траен престој во САД, според волјата на американската влада, во иднина пред сѐ треба да се поднесуваат од странство. Секој што сака да аплицира за таканаречената „Зелена карта“ и со тоа за траен престој треба, по правило, да ја користи конзуларната постапка во матичната земја, се наведува во упатство на надлежната имиграциска служба.

„Отсега, странец кој привремено престојува во САД и сака зелена карта, мора за аплицирање да се врати во својата матична земја“, изјави портпаролот на миграциската служба УСЦИС, Зак Калер. Исклучоци ќе постојат само во „исклучителни околности“. Новата регулатива, според него, треба да спречи луѓето по одбивање на зелена карта да остануваат нелегално во САД, по што имиграциските власти би морале да ги лоцираат за депортација.

Досега, на туристи, студенти или други посетители со ограничено право на престој, под одредени услови им беше можно да аплицираат за Зелена карта и во САД. Според „Вашингтон пост“, повеќе од половина од издадените зелени карти годишно произлегуваат токму од ваквата постапка. За тоа, меѓу другото, услов е намерата за подолг престој да не постоела од самиот почеток.

Адвокатка: Мерката засега лекари и бизнисмени
„Ова ќе погоди илјадници и илјадници луѓе“, изјави Елизабет Гос, адвокатка која се залага за правата на имигрантите, за „Вашингтон пост“. Гос ја оцени мерката како неосновано заострување што не произлегува од безбедносен проблем. Таа ги погодува луѓето кои веќе биле проверени од властите. „Меѓу погодените има лекари, професори, истражувачи и директори.“

Откако претседателот Доналд Трамп стапи на должност, владата значително го заостри својот курс во политиката за влез во САД и миграција. Сепак, особено драстичните мерки, како забрани за влез или гаранции, главно се насочени кон државјани од Блискиот Исток или Африка.

 

 

DW