СДСМ со лавина критики за законот за високо образование

Опозицијата жестоко реагира на предложениот закон за високо образование. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција изјави дека законот е „катастрофално лош“ и треба веднаш да биде повлечен.

„Сметаме дека предложените измени на Законот за високо образование се катастрофално лоши и наместо унапредување на квалитетот, тие воведуваат владина контрола врз универзитетите – една форма на образовен тоталитаризам. Законот создава дискриминација, ја руши автономијата на универзитетите, отвора врата за партизација и создава системски и социјални неправди“, изјави Филипче.

Според Филипче, со предложените измени брутално се централизира моќта кај министерот и Владата. Членовите 198, 199 и 201, како што посочи, му даваат на министерот можност да укинува одлуки на универзитетски органи.

„Наместо координатор, министерот станува наредбодавец и апсолутен владетел. Член 13 отвора механизам за директна контрола од извршната власт, спротивно на европските стандарди и принципите на институционална автономија. Универзитетите не смеат да бидат продолжена рака на Владата“, изјави тој.

Филипче посочи дека измените го деградираат млад кадар, посебно асистентите и младите наставници. Според него, Член 175 создава привилегии за пензионирани професори, додека младите се соочуваат со рестрикции, несигурност и исклучување.

„Ова создава генерациски дисбаланс, го блокира академското обновување и го поттикнува одливот на млад кадар. Ќе ги протеруваме најдобрите умови од државата“, рече Филипче.

 

 

DW