Приведен поранешниот украински министер за енергетика, обвинет е за перење пари

Поранешниот министер за енергетика на Украина, Херман Халушченко, е обвинет за перење пари еден ден откако беше приведен при обид да ја напушти земјата.

Обвиненијата против Халушченко, објавени на 16 февруари, се најновите во скандалот со корупција што фрли сенка врз претседателот Володимир Зеленски. Неколку високи министри и други владини претставници се отпуштени, вклучувајќи го и долгогодишниот доверлив човек и началник на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.

Официјалните лица изјавија дека Халушченко бил приведен на 15 февруари од страна на граничната полиција додека ја напуштал земјата со воз.

Истражителите од Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата – една од двете независни агенции задолжени за истрага на корупција на високо ниво – изјавија дека новите обвиненија против Халушенко произлегуваат од наводна шема во која се вклучени оф-шор компании чии корисници биле негови роднини.

Халушенко не даде коментар за обвиненијата. Не беше јасно точно каде бил задржан до 16 февруари.

Во срцето на скандалот е прашањето за одбраната на енергетскиот сектор на Украина, кој беше погоден од Русија во услови на невообичаено студена зима. Милиони Украинци се борат со прекини на електричната енергија и греењето, а скандалот со корупцијата ја зголеми недовербата кон владата на Зеленски.

Истрагата, наречена „Операција Мида“, е фокусирана на Тимур Миндич, ко-сопственик на комедиската трупа „Квартал 95“, која Зеленски, исто така, ја сосопственикувал пред да стане претседател. Бизнисот бил важен двигател за Зеленски да стекне популарност како комичар и актер пред да влезе во политиката.

 

 

 

slobodnaevropa.mk