Собраниската комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска едногласно го прифати предлогот на закон за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија во врска со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел и го достави предложеното законско решение на усвојување на Собранието.
Според Крум Ефремов, директор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се работи за договор со кој се уредуваат техничките, финансиските и организационите прашања поврзани со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел во насока на поврзување на двете држави.
„Практично изградбата на оваа инфраструктура, која е предмет на договорот, треба да ги исполнува и барањата на ЕУ и НАТО за ваков вид на инфраструктура, особено во однос на стандардите и техничките спецификации на трансевропската транспортна мрежа. Овој договор, исто така, ќе создаде и позитивни политички и економски предуслови за трговска и индустриска поголема соработка на Република Бугарија и нашата земја, со цел изградба, но и оперативно функционирање и на граничниот премин и на активностите во делот на одржување на овој тунел“, истакна Ефремов.
slobodnaevropa.mk




