Два старечки домови во Скопје се најдоа под лупа на институциите поради сомнежи за нехуман и суров третман на штитениците. По пријава на МВР, Обвинителството ќе истражува што се случувало во приватните домови за згрижување на стари лица во населбите Бутел и Центар, за каде се добиени сознанија дека семејствата плаќале многу, а нивните најмили не го добивале соодветниот третман. Напротив, според полициската пријава, им била делена расипана храна, неколкумина спиеле во еден кревет поради преоптовареност на сместувачките капацитети, но и физички и психички биле малтретирани немоќни лица.
„Дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории, а на еден дел им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар“, информираа од МВР.
По наредба на јавен обвинител, на сите згрижени лица им е извршен лекарски преглед и анализи од страна на стручни лица од Институтот за судска медицина. Установите се затворени, а со координација на надлежните државни органи за корисниците е обезбедено соодветно сместување.
Пријава за две лица
Полицијата поднесе кривична пријава, а судот им одреди притвор на двете сопственички на домови на возраст од 47 и 58 години, поради „продолжена злоупотреба на службената положба и овластување“. „Двете осомничени, во својство на сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица во Скопје, постапувале спротивно на Законот за социјална заштита и со намера да прибават за себе имотна корист потешко ги повредиле правата на згрижените лица“, велат од МВР.
Утврдени се низа недоследности и пропусти во работењето. Вонредниот инспекциски надзор покажал дека за услугата, која не исполнувала стандарди и законски услови, од корисниците и нивните блиски наплаќале значителен паричен износ. Месечно од двата објекти остварувале имотна корист во вкупен износ од над 2,2 милиони денари.
DW




