Се наоѓаме во клучен момент од нашата историја кога безбедносните предизвици повеќе не се ограничени само на традиционалните закани како што е организираниот криминал, трговијата со дрога и корупцијата, туку се преплетуваат со нови и се посложени опасности, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на ретренинг Конференција на европскиот огранок од Асоцијацијата на националната Академија на Сојузното биро за истраги (ФБИ), што започна денеска (22 септември) во Скопје.
„Денес сме сведоци на појава на сајбер закани и сајбер војувања, злоупотреба на технологија, традиционален екстремизам и претворање на дезинформациите во оружје што ја менува природата на безбедносната средина што ја работиме. Оваа реалност не бара од нас само будност и реактивност, туку визија и подготвеност да ги преиспитаме старите модели, да прифатиме иновации и да создадеме подлабока и поквалитетна меѓународна соработка“, рече Тошковски.
Тој истакна дека конференцијата е можност не само за размена на искуства и идеи, туку и за обновување на заедничката посветеност кон заштитата на граѓаните, јакнење на владеење на правото и зацврстување на довербата во институциите.
slobodnaevropa.mk




