Три лица спасени од надојдените води на Треска – силниот воден тек ги однел при капење

Три млади лица вчера биле спасени од водите на реката Треска, откако биле однесени од силниот воден тек предизвикан од зголемен испуст на вода од браната „Матка“, наменет за производство на електрична енергија.

Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), преку Единствениот број за итни повици 112 била примена пријава дека три лица, кои се капеле во реката, биле зафатени од надојдената вода.

Станува збор за две малолетни лица на возраст од 15 години и едно 18-годишно лице. Едното од малолетните лица веднаш било извлечено од реката, додека останатите две биле пронајдени нешто подолу по течението на Треска.

Благодарение на брзата и координирана интервенција на надлежните служби, сите три лица биле успешно спасени. Според првичните информации, тие се во добра здравствена состојба и не се забележани видливи повреди.

По приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи веднаш ја координирал спасувачката акција, во која биле вклучени Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Општина Сарај, ХЕЦ „Матка“, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Итната медицинска помош.

На местото на настанот пристигнал и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, кој ја следел и координирал целокупната акција. Во спасувањето учествувале припадници на Територијалната противпожарна единица, полициски службеници, екипи на Итната медицинска помош, како и жители на Општина Сарај.

Од Центарот за управување со кризи повторно апелираат до граѓаните да бидат особено внимателни при престој покрај реките и езерата, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти, каде што нивото и брзината на водата можат нагло да се променат поради контролирани испусти на вода. Надлежните потсетуваат дека почитувањето на безбедносните препораки е клучно за избегнување несакани и опасни ситуации.