Турските туристи го освојуваат грчкиот остров Лезбос

Во Скала Сикаминеас на североисточниот брег на Лезбос, каде во 2015 година секојдневно пристигнуваа чамци со бегалци од Сирија, ова лето доаѓаат богати туристи од соседниот- турски брег на Егејот. Двата одлични рибни ресторани на брегот се полни, а доминантниот јазик на пладне е турски. Семејства со деца од турскиот мегалополис Измир, група од пристанишниот град Ајвалик, кои пристигнале со новата катамаранска линија, како и млад пар од Истанбул, јадат и пијат во оваа живописна глетка.

Исин и нејзиниот пријател се првпат на островот. „Пријателите ни кажаа многу убави работи за Лезбос и решивме да дојдеме за неколку дена“, вели Исин за ДВ. Парот од Истанбул пристигнал со траект од Дикили, бил воодушевен од плажите и таверните на островот и е решен следното лето повторно да дојде. Патувањето трае нешто помалку од еден час, билетот чини 35 евра, а во лето има осум пловидби дневно од Дикили до Митилена.

Угостителите на Лезбос ги ценат турските гости
Само во јули 2025 година на Лезбос пристигнале речиси 29.000 турски туристи, а за август се очекуваат уште повеќе. Локалните угостители се прилично задоволни од турските туристи. „Го ценат доброто готвење, сакаат да го пијат нашиот познат анисов ликер – узо, не се скржави, а повеќето се многу љубезни и опуштени“, вели Такис, кој има таверна во заливот Гера. „Кај нас доаѓа турската средна класа, која бара мирно место“, додава тој.

Многу грчки острови станаа недостапни за просечните приходи од двете страни на Егејот, но Лезбос не е меѓу нив. Островот сега е поевтин од турските туристички дестинации на Егејот како Бозџаада, Бодрум или Асос. Дополнително, атмосферата за Турците кои сакаат да испијат чаша алкохол или за Турчинките кои сакаат да се сончаат во бикини е порелаксирана на грчката страна на Егејот. „Многу се чувствувам удобно тука“, вели Исин, додека нејзиниот пријател сипува узо.

Може ли туризмот да ги излечи старите рани?
Од грчката револуција во 1821 година поминаа повеќе од 200 години, а од „размената на население“ меѓу Грција и Турција во 1922 повеќе од 100 години. Тогаш илјадници грчки бегалци од Мала Азија се населија на Лезбос, главно од спротивните области на Ајвалик, Мосхонисија и Пергамон. Истовремено, повеќето Турци кои живееја на островот беа принудени да заминат на другата, турска страна. Двете страни со децении можеа да ги гледаат своите родни села само од далечина.

Денес односите меѓу потомците на протераните се претежно пријателски, главно поради меѓусебниот туризам. Луѓето на Лезбос не се ниту повеќе ниту помалку националисти од остатокот на Грција, но сè почесто имаат можност да го сретнат „непријателот“ од спротивната страна во мир. Турските туристи на улиците на Митилена не се доживуваат како освојувачи, туку како добредојдени гости.

Бројни фери-врски до Лезбос
Не беше случајно што заменик-градоначалникот на Митилена задолжен за туризам, Никос Ѓанакас, со голема радост го чекаше на пристаништето градоначалникот на Баликесир во Турција. Ахмет Акин пристигна на први август со новата катамаранска линија на компанијата IDO на Лезбос, заедно со 150 туристи.

Компанијата ја отвори новата линија Митилена – Ајвалик, во чиј сопственички состав е и општината Баликесир. Новата линија е осмата што ја поврзува Митилена со Ајвалик и единаесеттата воопшто меѓу Лезбос и Турција, вклучувајќи ги рутите од и до Измир и Петра. Дури постои можност за воведување уште една катамаранска врска во август, овојпат од Акчај. За споредба: меѓу Лезбос и Пиреја има една, понекогаш две фери-врски дневно, а меѓу Лезбос и Солун само една неделно.

Според заменик-градоначалникот Ѓанакас, новата линија Митилена – Ајвалик треба дополнително да го зајакне туризмот и трговијата меѓу Лезбос и Турција, да им понуди повеќе можности на патниците и да ги зацврсти прекуграничните односи. Лани 122.638 луѓе пристигнале со брод од Турција на Лезбос, а во 2025 се надеваат на уште повеќе посетители.

 

 

DW