Унгарија денес објави дека донела одлука за напуштање на Меѓународниот кривичен суд (МКС), јавува Анадолу.
Според одлуката, објавена од шефот на Кабинетот на премиерот Виктор Орбан, Гергели Гуљас, процесот на повлекување од судот со седиште во Хаг ќе започне денес.
Тој истакна дека одлуката е во согласност со уставните и меѓународните правни рамки.
Веста доаѓа по пристигнувањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во земјата во четиридневна официјална посета.
Посетата на Нетанјаху на Унгарија е прво негово стапнување на европска територија откако Меѓународниот кривичен суд издаде налог за негово апсење во ноември минатата година поради обвиненијата за воени злосторства во Газа.
Групите за човекови права, вклучително и Амнести интернешенел и Хјуман рајтс воч, ја повикаа Унгарија да го уапси Нетанјаху доколку влезе во земјата и да го предаде на МКС.
Во ноември минатата година МКС издаде налози за апсење на Нетанјаху и на неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант под обвинение за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите воени акции во Газа, каде што од 7 октомври 2023 година досега уби повеќе од 50.400 Палестинци.