Новиот закон за обновливи извори во Македонија носи побрзи дозволи, зелени зони, енергетски заедници и поголема улога на граѓаните

Северна Македонија усвои нов Закон за користење на енергија од обновливи извори, со кој се воведуваат побрзи процедури за добивање дозволи, развој на „зелени зони“, нови модели за поддршка на инвестиции и поголеми права за граѓаните како производители на електрична енергија. Законот создава услови за формирање енергетски заедници, олеснува поставување соларни системи во домаќинствата и воведува дополнителни механизми за заштита на животната средина.

Новиот закон воведува посебна правна рамка за развој на обновливи извори на енергија и ја усогласува државата со европските стандарди во енергетиката. Главната цел е зголемување на домашното производство на електрична енергија, намалување на увозната зависност и забрзување на зелената транзиција.

Побрзи дозволи и нови зелени зони
Една од најзначајните новини е прогласувањето на проектите од областа на обновливите извори за јавен интерес.Со тоа институциите добиваат обврска забрзано да постапуваат по барањата поврзани со изградба и приклучување на нови енергетски капацитети.

Законот предвидува формирање на посебни области за забрзан развој на обновливи извори,познати како „зелени зони“. Во нив постапките за издавање дозволи не смеат да траат повеќе од 12 месеци, за постројки со капацитет до 150 kW рокот е ограничен на шест месеци, а приоритет добиваат локации со низок ризик за животната средина.

Домашни соларни системи до 10,8 kW со значително поедноставени процедури
Новиот закон ги дефинира соларните системи со инсталирана моќност до 10,8 kW како мали енергетски објекти.

За домаќинствата се воведуваат неколку важни олеснувања:

дозволата за поставување опрема до 100 kW треба да се издаде во рок од најмногу еден месец;
операторот има рок од еден месец да го изврши приклучувањето на системите до 10,8 kW;
доколку операторот не одговори навреме на барањето, се применува принципот „молчењето е согласност“.
Овие измени треба значително да ги намалат административните бариери за граѓаните кои сакаат да инвестираат во обновливи извори на енергија. Домаќинствата и компаниите полесно ќе можат да инсталираат соларни панели и да произведуваат електрична енергија за сопствени потреби. Дополнително, ќе можат да го складираат или продаваат произведениот вишок.

Три модели за пресметка на произведената електрична енергија
Законот воведува јасна поделба според капацитетот на системот и тоа нето-мерење за системи до 16 kW, нето-пресметка за системи од 16 до 50 kW и комерцијален модел за капацитети над 50 kW.

За првпат се воведува целосна правна рамка за енергетски заедници.

Граѓаните, компаниите и општините ќе можат доброволно да се здружуваат за заедничко производство, складирање и користење на електрична енергија од обновливи извори. Овој модел може да биде особено значаен за локалните заедници и општините, каде постои потенцијал за развој на заеднички енергетски проекти.

 

 

DW