Лидерот на СДСМ Венко Филипче, ја претстави Резолуција за дефинирање на заеднички државни и национални позиции за патот на Северна Македонија кон ЕУ. Во неа стои дека државата е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка и да ги донесе уставните измени, но како последна пречка.
Владата на Северна Македонија и сите државни институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ и тоа се нашите црвени линии.
Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени со јасна определба дека тоа е последна пречка, без прифаќање на нови барања и прашања од билатерален и идентитески карактер. Сите билатерални прашања со Бугарија ќе се решаваат во билатерални разговори воспоставени меѓу двете држави на еднаква основа, без да се создаваат нови блокади на преговарачкиот процес. Претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателот на Владата со заедничко писмо имаат обврска да ги информираат сите во ЕУ дека е потребно безусловно почитување на јазичните и идентитетски, историски и културни особености, како елементи кои се затворени и за кои не се преговара со Европската Унија.
Овие две точки, како што кажа лидерот на СДСМ, Венко Филипче, се најбитните делови од Резолуцијата за дефинирање на заеднички државни и национални позиции за продолжување на процесот на Северна Македонија кон Европската унија, која ја претстави денеска од партиското седиште.
Филипче кажа дека изминатиот период партијата се посветила на изготвување на предлог решение со кое би ги постигнале заеднички сите национални позиции преку консензус, а притоа „ќе се отстранат сите грижи, сомнежи и дилеми поврзани со заштитата на идентитески обележја во текот на процесот на пристапување кон ЕУ“.
slobodnaevropa.mk




