Меѓународната кошаркарска федерација ФИБА остро го осуди и отвори истрага за ксенофобичното скандирање против Албанците на кошаркарскиот напревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Романија што се одржа на 3 август во Куманово.
„Ова е тема која за ФИБА е од највисока важност. Ве известуваме дека настаните на кои се повикувате во моментов се предмет на отворена истрага од страна на FIBA“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа.
Во писмениот одговор се наведува дека оваа фаза Меѓународната кошаркарска федерација ги собира релевантните извештаи и изјави, во тесна соработка со вклучените Национални федерации, како и со локалните власти и органите на редот.
Реакцијата следува по скандирања на натпреварот кој се одржа на 2 август во Куманово, каде навивачите скандираа погрдни и навредливи зборови за Албанците додека македонските државни функционери беа присутни на трибините.
ФИБА остро ги осуди навредливите скандирања на кошаркарскиот натпревар во Куманово.
„ФИБА безрезервно и остро го осудува говорот на омраза и дискриминаторскиот или расистички јазик во каква било форма. Активно ја промовираме изградбата на инклузивна и почитувачка средина за сите играчи, тимови и навивачи како врвен приоритет во спортот„, велат од ФИБА.
slobodnaevropa.mk




