Македонија доби најлош извештај од ЕУ во последните 10 години, оцени лидерот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи го најновиот извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ. Регионот, според него, оди сериозно напред, а земјата ризикува да остане слепо црево на Балканот. Младите ја гледаат состојбата и иднината ја бараат надвор, порача Филипче.
Сериозен аларм
Претседателот на СДСМ смета дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е сериозен аларм за иднината и перспективата на државата.
„Објавувањето на Извештајот за напредокот со оценка дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Овој Извештај е практично најлошиот извештај којшто сме го добиле изминатите десетина години и сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека извештајот го потврдува застојот и назадувањето на земјата во процесот на европските интеграции и дека се потребни итни чекори за враќање на државата на европскиот пат.
„Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО-ДПМНЕ успеа за една и пол година да нѐ стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите”, рече Филипче на прес-конференција во Скопје.
Целосен застој
Тој оцени дека државата е во целосен застој, а европскиот пат е сведен на празна реторика. „Не постои напредок во ниту една област, а во делови има и назадување“, вели Филипче.
Само четири области, вели тој, покажуваат позитивен напредок. „Во осум нема никакви поместувања. Посебно загрижува драматично ниската оценка во економијата, каде што се бележи стагнација и пад“, оцени лидерот на СДСМ.
Тој пред новинарите ги потенцираше главните забелешки од извештајот.
„Реформската агенда не се спроведува, обврските се неисполнети, а државата губи пари од ЕУ. Недозволиво е да нема буџет за спроведување на реформите кои се клучни за европскиот процес. Во демократијата нема напредок, Собранието е блокирано, а уставните измени, кои се клучни за старт на преговорите, не се ни разгледуваат“, вели Филипче.
Тој оцени дека останува поткопана независноста на судството, а борбата против корупцијата е во застој. „Ова влада ниту има визија, ниту капацитет да ја води државата напред“, дециден е лидерот на СДСМ.
Тој повторно побара поддршка од партиите за резолуцијата за црвените линии која што ја предложи партијата. Најави дека во период од наредните неколку месеци ќе се работи на проширување на опозициската платформа не само за политички чинители, туку и за граѓански организации.
„Сметам дека сме единствена сила која може да парира и да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ, потребен ни е поширок фронт“, рече Филипче.
DW




