Семејства на оштетените од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ се приклучија на кривичниот прогон кон обвинетите во рамки на судскиот процес што се води пред Основниот кривичен суд Скопје.
На денешното рочиште, законските застапници на дел од семејствата кажаа дека се приклучуваат на кривичниот прогон, додека оштета ќе бараат да им се исплати преку граѓанска судска постапка.
На следното рочиште, вакво изјаснување треба да дадат и адвокатите на останатите оштетени во трагедијата.
Во пожарот во „Пулс“, ноќта меѓу 15 и 16 март, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Судскиот процес стартуваше откако обвинителството покрена обвинение против 35 лица и три фирми.
Денешното беше второ по ред рочиште. Првото се одржа на 19 ноември кога свои воведни зборови даде обвинителството.
Следното треба да се одржи на 2 декември. Првично, имаше рочиште закажано за утре, 26 ноември, но судот го одложи со објаснување дека е потребно време да се повикаат и останатите оштетени од трагедијата за да се изјаснат дали се приклучуваат кон прогонот и дали имаат оштетни побарувања.
Исто така, на следните рочишта се очекува обвинетите да се произнесат дали се чувствуваат виновни или не, како и да дадат воведни зборови заедно со нивните адвокати.
Пред почетокот на денешното рочиште, дел од одбраната реагираше дека го нема добиено изменетото обвинение, а од нив се очекува да дадат воведни зборови, по што Судот даде пауза од половина час за да одлучи како ќе се продолжи.
„Судот ги прифаќа приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, а со оглед да бранителите не прифаќаат доставата да се изврши преку нив, Судот во текот на денешниот и утрешниот ден до сите обвинети ќе изврши достава“, рече судијката што го води овој судски процес, Дијана Груевска-Илиевска.
slobodnaevropa.mk




