Жестока расправија и меѓусебни обвинувања меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја одбележаа денешната седница во Собранието за пратенички прашања. Дебатата се фокусираше на (не)успехот по 2 години власт, реформите, економската состојба и прашањето за правда и одговорност.
Филипче: Две години неуспех и неисполнети ветувања
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини Мицкоски за, како што рече, целосен неуспех по две години власт и неисполнети ветувања.
„Кога баравте власт и кога граѓаните ги молевте да ви дадат доверба, ветувавте сè и сешто. Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок“, рече Филипче.
Тој додаде дека за овие две години граѓаните добиле само поскап живот и намален стандард.
„Животниот стандард е намален. Сиромаштијата е зголемена. На едно четиричлено семејство му се потребни најмалку 70.000 денари за да го протурка месецот и тоа за најосновните потреби. Кога таа потрошувачка кошничка малку ќе се прошири, онака како што реално е, потребни се 80.000 и 90.000 денари. Ниту едно ветувања не испорачавте. Граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институции, не добија правда и не добија европска иднина“, рече Филипче.
Мицкоски: Недовербата произлегува од недостаток на правда
Одговарајќи на прашањето на Филипче, премиерот Мицкоски истакна дека недовербата на граѓаните во институциите произлегува од недостиг на правда и одговорност.
„Велите секој трет човек планира да ја напушти земјата, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат таму како уживаат поранешни функционери на јахти, а не се во затвор и да дадат одговор зошто се таму. Е, затоа се разочарани луѓето. Кога ќе ве видат зад решетки, тогаш ќе бидат среќни и задоволни затоа што правдата дошла“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ја прифаќа одговорноста што, како што рече, поранешни функционери сè уште не се соочиле со правдата.
„Јас признавам дека сум виновен, тоа што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите во Паљури, наместо на друго место. Признавам дека сум виновен. Но, исто така ве гледам в очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани како поранешни функционери уживаат на јахти и во мелосот на Харис Џиновиќ. Ете, тоа е желбата на народот“, рече Мицкоски.
Филипче му возврати дека „опсесијата да слика полуголи поранешни функционери е на граница на невропсихологија“.
Економија, реформи и одговорност во фокус
Лидерот на опозицијата оцени дека резултатот по 2 години е „нула“ во повеќе области.
„Вашиот резултат после две години е една голема нула, нула за реформи, за зголемување на платите, за мерки за младите, за поддршка на земјоделците, нула за Европскиот пат. И сега моето прашање е просто, едноставно, кој е крив за овие неисполнети ветувања? Кој е крив, Премиере, за овие две изгубени години? Пола мандат помина. Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте“, рече Филипче.
Премиерот му одговори дека кога станува збор за Европа „имаме проблем и се обидуваме од петни жили да го решиме, и покрај тоа што имаме квинслинзи дома кои се обидуваат одвнатре да ги нарушат позициите на оваа Влада“.
„Но, и покрај тие квинслинзи на грб и сето тоа што претходната Влада ни го остави како наследство, како многупати во историјата, така и овојпат, јас ви тврдам дека ќе победиме“, порача тој.
Во текот на дебатата, премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања одговори и на обвинувањата од Венко Филипче за зголемување на јавниот долг, при што направи споредба со претходната власт.
Според него, актуелната влада постигнала подобри економски резултати со значително помало задолжување. „Во ред е вашата кампања која што ја водите, во ред е што ги цензурирате коментарите на социјалните медиуми, во ред е што ви поставуваат нарачани прашања, а на тие коишто се објективни не одговарате од партиската говорница, но овдека ќе мора да ги слушнете вистинските факти и бројки“, рече Мицкоски.
Според него, во време на СДСМ, 1 јануари 2018 година до 31 декември 2023 година, јавниот долг од 4,78 милијарди евра е зголемен на 8,47 милијарди евра, или нето износ 3,69 милијарди евра. „Вие сте ја задолжиле државата со 3,69 милијарди евра, а сте успеале номиналниот БДП да го покачите за 4,52 милијарди долари. Ние, оваа влада, успеала да го зголеми долгот за 1,381 милијарди евра, а го зголемила номиналниот БДП за 4,66 милијарди долари или за цели 140 милиони долари повеќе за две години отколку вие за 6 години, а притоа јавниот долг е зголемен речиси тр пати помалку од тоа што вие сте го правеле за тие 6 години“, истакна Мицкоски.
DW




