Јаневска: Ќе воведеме вештачка интелигенција во наставата

Во процесот на дигитална трансформација на образовниот систем, интеграцијата на вештачката интелигенција (ВИ) претставува следен, логичен чекор кој значително ќе го унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија – изјави денеска (21 јуни) министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Таа рече дека ваквата технолошка иновација стратешки и постепено ќе биде имплементирана во начинот на учење, спроведување на наставата и генерално во развојот на човечките ресурси.

„Препознаваме дека вештачката интелигенција не треба да го замени човечкиот фактор во образованието, туку да го дополни и унапреди“, истакна Јаневска на Меѓународниот самит за образовни технологии, што се одржува во Истанбул, од 20 до 22 јуни 2025 година, во организација на Министерството за национално образование и наука на Република Турција.

Таа додаде дека вештачката интелигенција треба да овозможи создавање на образовна средина каде што секој поединец може да го развие својот потенцијал до максимум.

Министерката посочи дека воведувањето на вештачката интелигенција во основното образование е првиот и најкритичен чекор.

Децата, додаде, прво треба да стекнат основно разбирање што е вештачката интелигенција, како функционира, каде се среќава во секојдневието и треба да се фокусираат на нејзиниот етички пристап.

„Учениците мора да научат да бидат критички кон информациите кои ги добиваат од ВИ системите. Треба да бидат свесни дека вештачката интелигенција може да прави грешки и да има пристрасности и затоа податоците и изворите мора да споредуваат“, нагласи Јаневска.

Информираше дека работна група на Министерството за образование и наука со професори од факултети по информатика, работи на подоготовка на документ со насоки и посебни препораки за наставниците и учениците за примена на генеративна вештачка интелигенција во процесот на образованието.

 

 

slobodnaevropa.mk