Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека Соединетите Држави внимателно ги следат случувањата во правосудниот систем, конкретно владниниот предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но и поднесените интерпелации од страна на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ до Собранието за петмината членови на Судскиот совет, кој се избрани од закондавниот дом и нагласи дека она што сакаат да го видат е дека во сите процеси се почитува законот.
Агелер запрашана за коментар за владиниот предлог за разрешување на Коцевски кусо одговори дека нема коментар, но дека го следат процесот одблиску.
„Немам коментар, запознаена сум и го следиме процесот, според моите сознанија во тек е процесот согласно законските процедури и одблиску го следиме“, одговори кусо Агелер, по примопредавање на мобилно оперативно возило за Црвен крст.
Во врска со случувањата во Судскиот совет исто така не навлегуваше во детали и само кусо одговори дека одблиску го следат и тој процес.
„Одблиску го следиме и тој процес. Очигледно со години посочуваме во однос на Судскиот совет, но и за други аспекти на правосудниот систем, постојат законски процедури и според моите сознанија тој процес е во тек и одблиску ги следиме состојбите и сакаме да видиме дека законот се почитува“, одговори американската амбасадорка.
Владата на вчерашната седница, го разгледала мислењето од Министерство за правда и го задолжила ресорното Министерство да достави предлог за разрешување на републичкиот јавен обвинител пред истекот на неговиот мандат, кој потоа, како што вчера на прес-конференцијата портпаролката на Владата Марија Митева, ќе биде доставен до Советот на јавните обвинители.
slobodnaevropa.mk