Во Кочани голем интерес за доброволни пожарникари, кои без никаков надоместок гасат пожари на терен заедно со професионалците. Високите температури ги зачестија пожарите, но нема вработувања на најавените 400 пожарникари, а опрема и натаму добиваат само од странски амбасади и донатори.
По трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани која беше кобна за 62 млади луѓе, кај локалните жители се зголемил интересот за да станат доброволни пожарникари, вели Симе Стоиков од Доброволното противпожарно друштво во Кочани.
Сеќавајќи се на првите моменти откако избувнал пожарот ,кој е една од најголемите трагедии во современата историја на државата, Симе раскажува како седум пожарникари со две возила од локалното противпожарно друштво помагале при дотурот на вода на професионалните пожарникари.
„Двајца од моите колеги изнесуваа повредени, но и починати млади од дискотеката „Пулс“ кога избувна пожарот. Јас пристигнав во утринските часови и помагав во прибирање материјални предмети кои им беа потребни на обвинителите“, раскажува пожарикарот добоволец Симе Стоиков.
Веќе е распишан конкурс за проширување на доброволното противпожарно друштво на кој се пријавуваат сѐ повеќе жители на Кочани. Оние кои ќе бидат одбрани ќе имаат обука од Територијалната противпожарна единица, па од Дирекцијата за заштита и спасување.
„Тие првично нема да излегуваат на терен. Дел од интервентната единица би можеле да станат за три до шест месеци“, додава Стоиков кој вели дека е можно да има интерес и кај граѓаните од соседните општини.
slobodnaevropa.mk




