Администрацијата на Трамп може да се откаже од командната улога на САД во НАТО

Пентагон планира големо реструктурирање на воените команди на Соединетите Американски Држави (САД), веројатно и со повлекување на САД од позицијата врховен командант на сојузничките НАТО-сили во Европа (SACEUR), пренесува Анадолу.

Ова е позиција што американските воени лидери ја имаат речиси 75 години од формирањето на НАТО во 1950 година, на чело со генералот Двајт Д. Ајзенхауер, кој подоцна стана претседател.

Сегашниот одговорен генерал, кој исто така ја предводи Американско-европската команда, ја надгледуваше поддршката за Украина во нејзината војна со Русија. Временската рамка за реорганизирање не е дадена, но Конгресот може да влијае на процесот, потенцијално блокирајќи делови од планот преку одлуки за финансирање, според „Ен-би-си њуз“.

Откажувањето од улогата на врховен командант би било значајна симболична промена, менувајќи ја динамиката на моќта во НАТО, Алијансата што ја обликуваше европската безбедност и мир од Втората светска војна.

Пензионираниот адмирал Џејмс Ставридис, кој служеше како врховен командант и шеф на Европската команда од 2009 до 2013 година, рече: „Откажувањето на САД од улогата на врховен командант на сојузничките сили на НАТО ќе се гледа во Европа како значаен сигнал за дистанцирање од Алијансата“, објави „Ен-би-си“.

Реструктурирањето на администрацијата на Трамп доаѓа по кратењата на федералните трошоци и намалување на персоналот, при што американскиот претседател Доналд Трамп и секретарот за одбрана, Пит Хегсет, ја истакнаа важноста европските сојузници да преземат поголема одговорност за нивната одбрана.

Доколку САД се откажат од контролата во НАТО, другите земји на НАТО најверојатно ќе треба да одлучат меѓу себе која земја ќе го предложи новиот командант.

Временската рамка за потенцијалната промена не е позната. Армискиот генерал Крис Каволи, сегашен командант, служи тригодишен мандат што треба да заврши ова лето.

Според двајца претставници на одбраната запознаени со разговорите, планот што се разгледува може да доведе до консолидација на пет од 11-те борбени команди на војската, објави „Ен-би-си“.

За време на неговиот прв мандат, од 2017 до 2021 година, Трамп ги повика европските лидери да ги зголемат издвојувањата за одбраната, а тој го повтори овој повик по неговиот избор за втор мандат во 2024 година.

Позицијата на Трамп посилно усогласена со Русија, и покажувањата на скептицизам, па дури и непријателство кон Украина, заедно со презирот кон сојузниците во НАТО и гласините за напуштање на Алијансата, ги оставија традиционално пријателските европски земји со знак прашалник за иднината на односите со САД.

извор:АНАДОЛИЈА