Делницата од Врбјани до Охрид ќе биде пуштена до 11 или 12 јули, истакна Трајановски

До 11-ти или 12-ти јули ќе биде пуштена во употреба делницата од Врбјани до Охрид, со прекин кај Ботун, каде што појасни има големи косини кои треба да се санираат, со што, првите 40 километри од автопатот Кичево-Охрид ќе бидат пуштени во употреба следниот месец, најави вечерва за Тв Сител директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски.

– Граѓаните, туристите, сите оние кои доаѓаат, возат, во Охрид или се враќаат оттаму ќе можат да возат по нов асфалт. Прекинот кај Ботун е поради тоа што патот би требало да биде од десна страна на Ботун, а таму има големи косини, големи свлечишта, кои треба да се санираат. Свлечиштата кај Ботун се врзани со останатите свлечишта кај Кичево, од Кичево до Врбјани. Ние интензивно работиме со Градежниот факултет, работиме со Кинезите, се правеа геоистраги, се правеа околу шест и пол километри бушења за да се добие составот на земјиштето на овие овие косини, бидејќи тие во добар дел се нестабили. Овие геоистраги се при крај, околу 40 отсто се веќе завршени. Врз основа на нив, проектантите проектираат модели и типови на заштита на тие косини, на стабилизација, рече Трајановски.

За тоа кога ќе се реши проблемот кај Ботун, Трајановски нагласи дека утре имаат важен состанок, а целта е да се одреди типски модел на заштита на тие косини и најверојатно ќе се оди со галерии. Тој истакна дека има околу 14 попроблематични косини, како и околу 21 кои не се толку проблематични, а треба да се заштитат и смета дека во текот на оваа година најголемиот дел од нив ќе бидат заштитени.

 

 

sitel.com.mk