Американските претставници на 6 март за РСЕ изјавија дека Русија му обезбедува на Иран информации за таргетирање на американски трупи и воени средства на Блискиот Исток, потврдувајќи го извештајот на „Вашингтон пост“ кој сугерираше дека Москва игра значителна, индиректна, улога во растечкиот регионален конфликт.
Наводната соработка доаѓа во многу деликатно време за односите меѓу САД и Русија, при што нуклеарните соперници се во конфликт околу инвазијата на Москва во Украина и напорите на Вашингтон да ја заврши таа војна, наспроти досегашното одбивање на Кремљ да направи отстапки за територијата и други прашања.
Извештајот на „Пост“, кој цитираше тројца претставници запознаени со разузнавачките информации, вели дека Москва му ги обезбедила на Техеран локациите на американските воени средства – вклучувајќи воени бродови и авиони – откако конфликтот започна на 28 февруари со воздушните напади на САД и Израел врз Иран. Еден од нив, изјавил за весникот дека се чини дека станува збор за „прилично сеопфатен напор“ од страна на Москва.
Американските претставници, зборувајќи под услов на анонимност, не дадоа дополнителни детали за РСЕ за обемот или механизмите на споделувањето разузнавачки информации.
Русија и Иран имаат долгогодишни воени, политички и дипломатски врски. Иран ѝ испорача на Русија голем број дронови „Шахед“ што се користат за напади врз украинските градови и инфраструктура, иако Русија сега ја користи технологијата за производство на дронови на своја територија, во најголем дел.
Руската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањата за коментар. Руските претставници јавно повикаа на прекин на војната, опишувајќи ја како „неиспровоциран чин на вооружена агресија“ против Иран.
Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на 6 март и го повтори повикот на Москва за „итно прекинување на воената акција“, соопшти Кремљ.
slobodnaevropa.mk




