Бизнис интересите на семејството Трамп на Блискиот Исток

Коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа, дадени неодамна, ја оживеаја идејата што претходно ја промовираа тој и неговиот зет Џаред Кушнер.

Неговиот планја позиционира Газа во смисла на потенцијал за недвижен имот, а не нејзината хуманитарна или политичка ситуација. Откако изјави дека САД „ќе го преземат Појасот Газа“ и „ќе го поседуваат“, Доналд Трамп рече: „Имаме можност да направиме нешто што може да биде феноменално (…) Не сакам да се правам паметен. Но, ‘Ривиерата на Блискиот Исток’ може да биде нешто што би можело да биде толку фантастично.“

Сега сите полека се сеќаваат на идеите што Џаред Кушнер ги изнесе во интервјуто на Универзитетот Харвард во февруари 2024 година, кога рече дека недвижностите на брегот на Газа би можеле да бидат „многу вредни доколку луѓето се фокусираат на градење подобри услови за живот“. Тој додаде дека, од израелска перспектива, тој би сторил сé за „да ги премести луѓето и потоа да ја исчисти областа“.

Трамп оттогаш дополнително ја нагласи својата позиција, дури и сугерираше дека на Палестинците нема да им биде дозволено да се вратат во Газа, „бидејќи ќе имаат многу подобро сместување“, изјави тој за Фокс њус на 10 февруари. Сето ова е само потсетување дека за Трамп и неговото семејство Блискиот Исток е бизнис интерес како и сѐ друго во светот.

Кои се деловните интереси на Трамп на Блискиот Исток?
Регионот стануваше сè поважен фокус на Организацијата Трамп, конгломерат за недвижнини и угостителство, кој во моментов е управуван од синовите на Трамп, Ерик и Доналд Јуниор. Во последниве години, тие склучија неколку договори со саудиската компанија за недвижности Дар Глобал, меѓународен огранок на саудиската компанија Dar Al Arkan Real Estate Development Company.

Во Оман се веќе во развој луксузен хотел и голф-ресорт со брендот на Трамп, додека Организацијата Трамп и Дар Глобал објавија планови за два проекта Трамп Тауер – еден во Џеда, Саудиска Арабија и еден во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. Претходниот проект Трамп Тауер во Дубаи, кој требаше да вклучува хотел и апартмани, беше најавен во октомври 2005 година, но беше откажан во 2011 година поради глобалната финансиска криза.

Трамп веќе поседува голф клуб во Дубаи, отворен во 2017 година. Овој клуб е изграден во партнерство со DAMAC Properties, компанија предводена од Хусаин Сајвани. Во јануари 2025 година, Сајвани се појави заедно со Трамп на прес-конференција, каде беше објавено дека DAMAC ќе инвестира „најмалку“ 20 милијарди долари (19,39 милијарди евра) за изградба на нови центри за податоци низ САД.

Новите договори во Оман, Џеда и Дубаи ќе ѝ овозможат на Организацијата Трамп да ги дизајнира, управува и брендира кулите и луксузниот ресорт. Овие зделки првенствено се однесуваат на брендирање, а не на сопственост, што на фамилијата ѝ носи милиони долари во замена за употребата на нивното име.

Трамп и членовите на неговото семејство, од Кушнер до неговите синови, постојано зборуваат за зголемената важност на Блискиот Исток за нивните деловни интереси. Непосредно пред објавувањето на договорот со Џеда, Ерик Трамп за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ изјави: „Дефинитивно ќе работиме и други проекти во овој регион. Регионот доживува експлозивен раст и тоа нема да запре наскоро“.

 

 

 

DW