Веб-страници на германската државна администрација цел на кибернапади

Веб-страници на германски институции претрпеа големи хакерски напади што ги нарушија основните услуги, соопштија властите денес, јавува Анадолу.

Во главниот град Берлин, порталот за услуги на граѓаните и веб-страниците на полицијата беа сериозно погодени од DDoS-напади.

Ралф Клајндиек, главниот директор за дигитални информации надлежен за Берлин, за јавната телевизија РББ изјави дека го доживеале „најголемиот напад“ насочен кон веб-страниците на државната администрација.

Според првичната истрага, ниту еден податок не бил протечен или украден, но многу веб-страници на државни институции биле привремено недостапни. Услугите почнаа да се обновуваат денес.

Портпаролката на полицијата, Беате Карделс, рече дека властите отвориле истрага за кибернападите.

„Знаеме дека има писма со признанија, наводно од руска кибергрупа, но мора да го почекаме исходот од истрагата“, рече таа.

Веб-страниците на полицијата и локалните власти во сојузните покраини Бранденбург, Шлезвиг-Холштајн, Долна Саксонија, Саксонија-Анхалт, Тирингија, Мекленбург-Западна Померанија и Сар, исто така, беа цел на хакери во вторникот и средата, изјавија властите.

Извор: Анадолу.

фото: Анадолу.