Го прашуваат ChatGPT за резултатите од изборите, бараат од Claude да ги сумира вестите или од Perplexity да им даде основни информации за конфликтот на Блискиот Исток: стотици милиони луѓе секојдневно се потпираат на чет-ботови со вештачка интелигенција како извори на информации. Само ChatGPT секоја недела го користат околу 800 милиони луѓе ширум светот. За многумина, овие дигитални асистенти веќе претставуваат замена за традиционалното пребарување на Google.
Но, станува збор за ризична доверба. Тоа го покажува новата студија на Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Асоцијацијата на 68 јавни радиодифузери од 56 земји ја тестирала доверливоста на најпопуларните системи со вештачка интелигенција.
Резултатот е загрижувачки: ChatGPT, Claude, Gemini и други чет-ботови измислуваат и до 40 проценти од своите одговори – и ги претставуваат како факти.
Халуцинации: вештачката интелигенција уверливо лаже
Популарниот чатбот ChatGPT цврсто тврди дека папата Франциско сè уште е жив. Microsoft Copilot, кој е интегриран во програмите Word и Excel, не знае дека Шведска е во НАТО. А, Google Gemini смета дека повторниот избор на Доналд Трамп е „можен“, иако тоа одамна се случи.
„Системите звучат убедливо, иако повеќепати тврдат целосно лажни работи“, предупредува економистот Петер Пош од Техничкиот универзитет во Дортмунд. „Тоа ги прави особено опасни за неискусните корисници, бидејќи грешките често не се веднаш очигледни“.
Постои феномен што експертите го нарекуваат „халуцинација“ – вештачката интелигенција измислува информации што звучат логично и поврзано, но немаат фактичка основа. Тоа особено често се случува кај регионални настани, актуелни случувања или кога треба да се поврзат повеќе информации.
DW




