Додека Ковачевски се фали за зголемено производство на електрична енергија, ТЕЦ Осломеј надвор од погон и хаварија на багерот за ископ на јаловина СРС 2000/1 во рудникот БРОД Гнеотино Во време кога Директорот на АД ЕЛЕМ излегува со јавни настапи дека АД ЕЛЕМ е во одлична состојба и дека целосно ги покрива потребите за задоволување на потребите со електрична енергија на сите потрошувачи од регулираниот пазар, се случија два нови поголеми испади: ТЕЦ Осломеј надвор од погон и хаварија на багерот за ископ на јаловина СРС 2000/1 во рудникот БРОД Гнеотино, се вели во објавата на ФБ од Комисија за енергетика на ВМРО – ДПМНЕ.
Во продолжение истата ја пренесуваме во целост:
Последниот испад на ТЕЦ Осломеј уште еднаш на површина ги извади сите проблеми во енергетскиот систем на Македонија за коишто ВМРО ДПМНЕ веќе подолг период алармира. Ситуацијата со рударско-енергетскиот комбинат е крајно алармантна. Поради ова штети трпи државата којашто е принудена да увезува електрична енергија. Но и граѓаните врз чиј грб паѓаат постојаните испади на блоковите.Само во изминатите 20-тина дена, има пет испади и пуштања во повторна работа на некој од производствените капацитети.Пет години со Електраните на Македонија раководат кадри на СДСМ, чија стручност ја доведува во прашање иднината на Електрани на Македонија како и на целокупниот енергетскиот систем. Поради постојан дефект на некој од блоковите, РЕК Битола, столбот на енергетскиот систем во Македонија, не може да работи со полн капацитет. Незнаењето, поставувањето на партиски кадри на несоодветно место и недисциплината во извршувањето на работните задачи е главна карактериситика на лошото менаџирање со овој толку значаен комбинат за Македонија и за Битола. Безобразлукот е уште поголем ако се знае дека деновиве пред Новата година се врши масовно полнење на Производствените капацитети на РЕК Битола и Осломеј со партиски војници, кои се примени за седење по канцеларии, наместо за работа на терен. Тоа повлекува неквалитетно направен ремонт преку кои се испумпуваат пари, зголемување на бројот на дефекти и испади на блоковите како денешниот, ископ на неквалитетен јаглен, зголемена потрошувачка на мазут, помало производство на електрична енергија, зголемено загадување кое е енормно деновиве како и зголемување на цената на електричната енергија за граѓаните.Како доказ на ова е хаваријата во рудникот БРОД Гнеотино на багерот за ископ на јаловина СРС 2000/1. Поради неквалитетни и ненавремени ремонти, како и поради недостаток на квалитетни извршители дојде до преполовување на багерот. Поради ова половина од рудникот е надвор од функција.За жал ниту едно оправдување и изнесување на невистини нема да ја оправда оваа катастрофална состојба.Колку и да се обидуваат да ја замајуваат јавноста со зголемено производство за 26 % во однос на лани, пред вистината и боговите молчат.Имено, ако се анализа официјалниот податок дека во текот на месец ноември во 2022 година само 37% од вкупниот производствен капацитет на АД ЕЛЕМ бил во погон, јасно е дека не може да постои можност за зголемено производство од 26 %. Дополнително ако се земат месечните извештаи од МЕПСО и ЕЛЕМ за 2021 година и да се направи споредба со 2022 година, вкупното производство споредено со 2021 година е поголемо само за 3,67 %.Бидејќи има податоци за споредба од Јануари до заклучно Октомври за 2021 и 2022 година истите се презентирани во табела 1.
извор: Комисија за енергетика на ВМРО – ДПМНЕ