Воена служба доброволно, регистрација задолжителнo

Иако на Бундесверот му недостасуваат десетици илјади војници, нема да има враќање на задолжителната воена служба. Владејачките партии постигнаа договор за ова по повеќемесечен спор. „Новата воена служба првично ќе се базира на доброволно учество“, е основниот принцип на нацрт-законот, кој ќе го усвои Бундестагот во декември. Сепак, ќе има задолжителна регистрација за сите млади мажи над 18 години.

Министерот за одбрана Борис Писториус (СПД) планира новата доброволна воена служба да започне на почетокот на јануари, таа треба да биде поатрактивна и подобро платена. „Другите европски земји, особено оние на север, покажуваат дека принципот на доброволна служба во комбинација со привлечност функционира. Очекувам исто и тука“, објасни политичарот од Социјалдемократската партија откако лидерите на партиите на власт постигнаа договор. „Бројот на кандидати расте, бројот на регрути расте“, нагласи Писториус. Целта е да се регрутираат 20.000 нови доброволци до 2026 година. Тие можат да очекуваат бруто плата од 2.600 евра.

Спорот меѓу владејачките партии се фокусираше на следново прашање: Може ли Бундесверот да регрутира доволно доброволен персонал за да ја направи Германија способна да се брани? Бундесверот моментално има околу 182.000 војници, а според насоките на НАТО, треба да има најмалку 260.000 до 2035 година.

Политичарите од владејачките конзервативни партии ЦДУ/ ЦСУ тврдат дека оваа амбициозна цел може да се постигне само со повторно воведување на задолжителна воена служба – или барем со вградување во законот механизам што автоматски би го активирал враќањето на задолжителната воена служба ако не се пријават доволно доброволци.

Нема автоматско враќање на задолжителната воена служба
Но, за Социјалдемократите (СПД) тоа беше неприфатливо – тие строго го отфрлаат враќањето на задолжителната воена служба. Компромисот сега предвидува дека ако бројот на доброволци е недоволен, тогаш Бундестагот мора да одлучи дали да воведе „регрутација заснована на потребите“ за одреден број млади мажи.

И иако нема да има автоматско враќање на задолжителна воена служба, парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ го пофали компромисот. Ова е „вистинска мешавина од доброволно и задолжително“, објасни шефот на пратеничката група на ЦСУ, Александар Хофман.

Нови обврски за младите мажи – прашалник и лекарски преглед
Иако воената служба останува доброволна, дури и оние млади мажи кои не се заинтересирани за Бундесверот ќе се соочат со две обврски: почнувајќи од 2026 година, тие мора да пополнат прашалник што Бундесверот го нарекува „декларација за подготвеност“. Во него се поставуваат прашања за физичката подготвеност, како и подготвеноста за служба во германските вооружени сили.

Бундесверот ќе ги добие адресите на сите 18-годишни германски државјани од локалните канцеларии за регистрација на живеалишта, а потоа ќе им испрати QR код што ги содржи прашањата. Жените исто така можат да одговорат на прашалникот и да изјават дека се подготвени да служат во Бундесверот – но не се обврзани да го сторат тоа, бидејќи, според уставот, само мажи можат да бидат регрутирани за воена служба.

Германија се враќа на воена регистрација
Почнувајќи од јули 2027 година, планиран е понатамошен чекор: сите млади мажи ќе бидат проверени, што значи дека ќе бидат подложени на медицински преглед, почнувајќи од оние родени во 2008 година. Ова ќе важи за околу 300.000 млади мажи годишно. Министерот за одбрана тврди дека ова е единствениот начин Бундесверот да добие јасна слика за тоа кој би можел да биде регрутиран во случај на конфликт.

Порано, таа проценка ја вршеа таканаречените окружни канцеларии за воена регрутација, кои постоеја низ целата земја. Со замрзнувањето на задолжителната воена служба во 2011 година, тие канцеларии беа целосно распуштени. Министерството за одбрана сега се обидува итно да воспостави нова инфраструктура за процесот на проценка и веќе врши инспекција на потенцијалниот канцелариски простор. Писториус нагласува дека новите, како што ги нарекуваат, „кариерни центри на Бундесверот“, нема да имаат никаква врска со прашливите канцеларии од минатото. Слично на оние во Шведска, овие простори се дизајнирани да бидат модерни, светли и пријатни, вели министерот.

 

 

 

DW