Европските граѓани можеби ќе мора сериозно да ги преиспитаат своите планови за патување ова лето, откако наглиот раст на цените на авионското гориво, предизвикан од блокадата на Ормускиот Теснец, доведе до значително поскапување на авионските билети. Авиокомпаниите стравуваат од пад на профитните маржи, како и од недостиг на гориво.
Со растот на цените на авионските билети и очекуваниот недостиг на млазно гориво, иднината на европската авиоиндустрија станува сè понеизвесна. Во исто време, многу жители на Европската Унија би можеле да си дозволат помалку патувања со авион за време на летниот одмор.
Цените на авионското гориво се зголемија повеќе од двојно откако САД и Израел извршија напади врз Иран во февруари. Причината лежи во тоа што, во различни моменти, и Иран и САД го блокираат Ормускиот Теснец — клучен поморски коридор низ кој поминува околу една петтина од светскиот транспорт на нафта и гас.
Марина Ефтимиу, професорка по менаџмент во авијацијата на Универзитетот во Даблин, за ДВ изјави дека цените на млазното гориво во Европа се искачиле од околу 68,27 евра (80 долари) за барел во февруари, на 153,84 евра (180 долари) кон крајот на април, според Индексот за цени на горивото на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA).
„Ако цените на горивото, кои претставуваат меѓу 25 и 50 проценти од вкупните оперативни трошоци на авиокомпаниите, останат високи, а компаниите не се заштитени од ризици, тие би можеле да банкротираат“, предупредува Ефтимиу.
Недостиг на гориво и пренесување на трошоците врз патниците
Покрај вртоглавиот раст на цените, наскоро се очекува и реален недостиг на млазно гориво. Пред две недели, директорот на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ) предупреди дека Европа располага со резерви доволни за уште околу шест недели.
Во просек, Европа дневно троши околу 1,6 милиони барели авионско гориво, од кои 1,1 милион барели се набавуваат од домашни извори. Преостанатите околу 500.000 барели се увезуваат од Блискиот Исток преку Ормускиот Теснец, кој во моментов е речиси непрооден.
Некои авиокомпании веќе почнаа да го пренесуваат растот на трошоците врз патниците. Ер Франс-КЛМ ја удвои доплатата за долги релации од 50 на 100 евра по билет, додека Луфтханза најави укинување на 20.000 летови на кратки дестинации. Скандинавиан Ерлајнс (САС) планира да откаже околу 1.000 летови.
„Принудени сме да го направиме тоа, бидејќи во спротивно ќе банкротираме за само неколку месеци“, изјави Себастијан Жустум, потпретседател на Ер Франс-КЛМ, на неодамнешен настан во Европскиот парламент.
Според извештај на советодавната компанија Тенео, цените на авионските билети годишно пораснале за 24 проценти. Ендрју Чарлтон, директор на консултантската фирма Авиејшн Адвокаси, вели дека иако во моментов има доволно гориво, неизвесноста е огромна.
„Таа неизвесност, како и дополнителните трошоци за одржување на резервите, ги прават билетите поскапи“, изјави тој за ДВ. „Патниците треба да очекуваат помалку седишта и помалку поволни понуди на пазарот.“
DW




