Очекуваме во март да го потпишеме договорот за почнување на изградбата на интерконекторот со Грција, изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека тендерската документација е завршена, како и дека е избрана компанија со најдобра понуда.
Но исто така ќе ми дозволите да кажам една убава вест, а тоа е дека конечно очекуваме во март месец да го потпишеме договорот за почнување на изградбата на интерконекторот со Грција бидејќи тендерската документација заврши. Имаме компанија која што има најевтина цена, најдобра понуда. Имаме зелено светло од банките коишто го финансираат – ЕИБ и ЕБРД така што очекувам и од тука да влеземе со уште една можност, а тоа е конечно јужниот интерконектор да биде функционален и оперативен. Тоа е од прилика три милијарди нормални метри кубни годишно, рече премиерот вечерва на прес-конференција во Владата на која најави мега-инвестиција од над милијарда евра во гасни централи од турската групација „Казанчи Холдинг“.
Северниот интерконектор, пак, како што кажа Мицкоски, е дел од проектите кои ќе бидат финансирани во Планот за раст кој беше донесен од страна на ЕУ.
Минатата недела компанијата „Терна“ ги започна прелиминарните работи за грчкиот дел од интерконекторот за природен гас што ќе ги поврзе Грција и Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.
Компанијата „Терна“ пред четири месеци беше избрана за изведувач на грчкиот дел на интерконекторот, при што го презеде деталниот проект, набавката на материјали и изградбата на гасоводот Неа Месимврија – Евзони/Гевгелија.
Проектот се очекува да биде финализиран на пролет следната година, временски период поместен поради доцнењето од наша страна.
Гасоводот предвидено е да биде во должина од 123 километри, од кои 67 километри се на македонска територија, да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас а со цел да се диверзифицираат изворите на снабдување со природен гас во Македонија.
Паралелно преку проектот, нашата земја ќе има можност да се снабдува и со природен гас и течен природен гас (ЛНГ) од грчките терминали во Ревитуса и Александруполи.
Почетниот капацитет ќе биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на зелен водород.
Со изградбата на интерконекторот, поради географската положба, нашата земја може да стане крстопат во регионот, со оглед на тоа што веќе постои конекцијата со Бугарија, се работи на онаа со Грција, а минатата година беше потпишан меморандум за соработка и со Србија, со што се очекува земјава да стане транзитна рута преку која со гас ќе се снабдува не само Србија, туку и Унгарија и Австрија.