Сакајќи да го претстави, како што кажа, лицемерието на Приштина и на Тирана, и осудата за прогласениот ден на жалост за сите загинати во Бањска, претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа на РТС покажа фотографии од погребите на албанските терористи кои во 2015 година убија македонски полицајци во Диво Насеље. Тој потсети дека во 2015 година во Куманово имаше голем конфликт меѓу „вистински албански терористи кои ја нападнаа суверената и меѓународно призната држава Република Македонија, земја на ОН“, објави Република.
Србија го одбележува Денот на жалоста поради трагични настани. Одбележуваме Ден на жалост за тројцата загинати Срби и за убиениот полицаец. Тоа е цивилизациска одлука и сериозна одлука. Еди Рама не ја кажа вистината, прогласивме Ден на жалост за сите убиени, рече Вучиќ.
Тој вели дека албанските власти се лицемерни и држат предавања за европски вредности, а албански терористи нападнале во Куманово и убиле осум македонски полицајци.
Загинаа дури осуммина македонски полицајци, рече Вучиќ, прикажувајќи го државниот погреб во Приштина на кој имаше знамиња на терористичката ОВК, а присуствуваше и Иса Мустафа.
Што се случи? Во тоа време, ниту Рама, ниту некој од ЕУ не држеше предавања. Правеа комеморација за сите Албанци убиени во Куманово. Цела сала, сите беа организирани. И никому ништо. И тоа не е крај, рече тој покажувајќи фотографија и од споменикот на Бег Ризај.
Ова е Бег Ризај, еден од убиените терористи, а ова е споменик поставен на него во Дечани. Околу споменикот поставува свеќи Рамуш Харадинај. Толку за нивните принципи, иднината на Европа и сè друго. Ова секако го искористија на највалкан начин. За нив ова е чин на ослободување, а Србите се дивјаци и терористи. Знам низ што минуваат овие луѓе. Веќе една година предупредувам за ова. Ситуацијата врие. Луѓето таму се маченици и светци. Курти на секој можен начин ги обедини Србите. Што очекувате следно? Да биде како од Карабах? Нема да биде, рече тој.