Херојот на ова лето во Грција се вика Гога Левиан. Овој 41-годишник од Албанија на 10 јуни скокнал во реката Арахтос за да спаси двајца момчиња кои се давеле. Ги извлекол од вода од длабочина од осум метри. За ова херојско дело награден е со грчко државјанство.
Но, се поставува прашањето – зошто тоа не го добил одамна? Зашто „Лео“, како што го викаат во селото Неохори кај Арта каде што живее и работи во Грција веќе 24 години. Тука и се оженил, неговите деца имаат десет и шест години, родени се во Грција и одат на училиште во истото село.
И покрај тоа, Лео секои три години мора да ја обновува дозволата за престој, да чека редици во имиграциската служба и да губи време, пари и нерви – исто како стотици илјади мигранти кои живеат и работат во Грција со децении.
Грците тоа добро треба да го знаат: дедовците на многу Грци биле бегалци, а родителите – гастарбајтери низ западна Европа. Но, и покрај тоа историско искуство со миграции и егзил, интеграционата политика во Грција е непознат поим. Ниту една влада во Атина во последните 30 години не успеала долгорочно да го регулира статусот за престој на доселениците.
Никој не треба да дојде во Грција
Особено сегашната конзервативна влада на Киријакос Мицотакис се претставува како строга и бескомпромисна кон бегалците и доселениците – што е моментален тренд низ цела Европа.
Поранешниот министер за миграции, Димитрис Керидис, кој беше на функцијата само една година, во 2023 се обиде да го ублажи законот. Овозможи тригодишна дозвола за престој и на оние кои не влегле легално во земјата, но работеле таму три години. Но, неговиот наследник, сегашниот министер Макис Воридис – познат по своето екстремно десничарско минато – ја укина таа мерка во 2025 година.
Воридис се претставува како борец против нелегалната миграција и бранител на границите. Тој се спротивставува на плановите на германската влада да врати мигранти кои влегле во ЕУ преку трети земји како Грција, па продолжиле во Германија – или на идејата да им се забрани влез на нови. А, станува збор за 30 до 40 илјади луѓе, главно млади мажи кои многу ѝ се потребни на Грција.
Примерот на Шпанија
Грчките претприемачи – особено во туризмот, градежништвото и земјоделството – очајно имаат потреба од работници. Многу бегалци, вклучително и оние спасени по бродоломот кај Пилос во 2023, денес работат на градилиштата на поранешниот аеродром во Атина, каде се спроведува голем градежен проект што постојано бара нова работна сила.
DW




