Десетици илјади жители на Мајорка вчеравечер (26.07) протестираа во Палма де Мајорка против последиците од туризмот на нивниот остров, во екот на главната туристичка сезона. Со тапани и свирчиња тие се одѕваа на повикот на платформата „Помалку туризам, повеќе живот“, која го организираше протестот под слоганот „Мајорка на граница на издржливоста“.
Туризмот одамна ги надмина границите што островот може да ги издржи, објаснува еден од учесниците на протестот. „И ние што живееме тука мора да можеме да живееме на својата земја. Сообраќај, климатски промени, издувни гасови, расфрлање ресурси – има повеќе од доволно причини да излеземе на улица и да кажеме: ‘Доста е’.“
На рачно изработените транспаренти пишуваше: „Mallorca overbooked“ (Мајорка е преполнета), „Нема повеќе капацитет“ и „Туристичкото цунами нè брише од лицето на земјата“. Укажувајќи на проблемот, демонстрантите низ улиците носеа и макета на крузер направена од картон. Со тоа го изразија своето противење на економскиот модел кој, според организаторите, на Мајорка излегол од контрола.
„Веќе нема ни за нас“
„Секојдневно гледаме како ресурсите се исцрпуваат. Тоа навистина нè погодува сите нас“, вели една жителка на Мајорка. „Веруваме дека е можен поинаков туристички модел. Ваквата пренатрупаност не е неопходна. Квалитетот ни е поважен од квантитетот.“
На Мајорка особено тешка е состојбата на пазарот на недвижности. За толку многу туристи е потребен и персонал, но многумина вработени во туризмот, трговијата или здравството на островот можат да си дозволат само соба во заеднички стан. Многумина живеат во населби со камп-приколки или во сиромашни квартови. Организаторите предупредуваат дека и покрај невидената станбена криза, повеќе од 100.000 станови на Мајорка се користат за туристичко изнајмување, легално и нелегално.
Според нив, претпазливите мерки што конзервативната влада ги презеде на Балеарските Острови – како забраната за нови туристички апартмани во станбени згради или планираното ограничување на бројот на автомобили – не се доволни.
DW




