Од 1 август поскапува парното греење во Скопје

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука од 1 август да се зголемат цените на топлинската енергија за корисниците во Скопје.

За домаќинствата што се снабдуваат преку ЕСМ Снабдување, цената ќе се зголеми за 5,96 проценти, за корисниците на ЕСМ Енергетика за 5,18 проценти, додека за корисниците на Енерго Еколог поскапувањето ќе изнесува 3,65 проценти.

Месечните сметки повисоки за околу 140 денари
Според пресметките на РКЕ, за просечен стан од 60 квадратни метри месечната сметка ќе биде повисока за околу 140 денари, односно ќе се зголеми од 2.353 на 2.493 денари.

Според претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, и покрај новото поскапување, Скопје и натаму има најниски цени на топлинската енергија во регионот во споредба со Белград, Љубљана, Софија и Сараево.

„Она што е клучно за претстојниот период и што силно го поддржуваме е спојувањето на сите ЕСМ компании за топлинска енергија со цел оптимизација на ресурсите и зголемување на ефикасноста, што во иднина ќе обезбеди уште поповолни цени за граѓаните“, вели Ристов.

Бројот на корисници на парно греење продолжува да расте. Во текот на една грејна сезона биле приклучени 1.521 нов потрошувач, а вкупно 67.494 домаќинства во Скопје се снабдуваат со топлинска енергија.

 

 

DW