Германија дебатира за пензија на 70 и намалување на пензиите

Цврсто стои и одолева на секоја бура: бронзената статуа пред зградата на Германското пензиско осигурување во Штутгарт. Таа прикажува работници со алат кои на рамениците носат луѓе — симбол на германскиот пензиски систем. Силните ги носат слабите, солидарно, стабилно и социјално.

Но тој принцип е под притисок. Сè помалку силни и сè повеќе слаби — тоа наметнува потреба од реформи. Минатата недела весникот „Билд” објави дека владината комисија за пензискиот систем сака да ја зголеми старосната граница за пензионирање на 70 години и да го намали нивото на пензиите. Иако тоа веднаш беше демантирано, темата веќе навлезе во јавниот простор и предизвика силна реакција.

„Телото едноставно не може да го издржи”
Работата со тешки камени блокови е неговиот занает. Каменорезачот Ментор Хасанај подига камен тежок десет килограми и го поставува во отворот во ѕидот пред себе. Каменот уште не лежи правилно — мора дополнително да го обработи и да го заѕида. Хасанај го носи каменот без тешкотии. Но до кога?

Овој 49-годишник инаку работи со многу поголеми товари. Вели дека тоа нема да може да го поднесе до 70-та година. „Телото едноставно не може да го издржи.” Да се работи толку долго, за него е невозможно. „За политичарите тоа не е проблем — тие убаво седат во парламентот, но кога сте овде надвор, во реалноста, работите изгледаат поинаку.”

Љубопитноста — рецепт за ментална кондиција
Поинаку на тоа гледа Манфред Мирлинг. За овој 66-годишен даночен советник, одењето во пензија сега не доаѓа предвид. Сака да продолжи да работи — и по 70-тата. Вели дека сè уште не забележува ментален замор и во својата струка гледа предност на искуството. „Колку подолго работите, толку посигурни и поспокојни станувате.”

Мирлинг вели дека не се плаши од ментален пад. Кај многу свои колеги гледа дека и со повеќе од 70 години добро функционираат на работното место. „Тие се целосно бистри.” Она што него го одржува во форма е љубопитноста кон новите работи и тоа што не го поминува животот со стеснет поглед на светот. Тоа е неговиот рецепт за ментална кондиција. Можноста за пензионирање на 70 години во неговата професија не ја гледа како проблем.

 

DW