Новиот германски министер за внатрешни работи, Александeр Добринт од ЦСУ нареди заострување на контролата на границите на Германија. Истовремено, лицата кои бараат политички азил во Германија треба да бидат вратени од границата, доколку немаат валидни патни исправи или ако веќе побарале азил во друга земја на Европската унија. Добринт изјави дека германската сојузна полиција сега има опција да ги врати таквите лица од границата, но не е обврзана да го стори тоа, значи ќе одлучува од случај до случај.
Утврдено е дека од оваа мерка ќе бидат поштедени бремените жени, болните, малолетниците без придружба и другите членови на ранливите групи.
Како Добринт ги објаснува овие мерки?
Ова е главното предизборно ветување на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека од првиот ден на власт ќе почнат враќањата од германските граници. Шефот на кабинетот на канцеларот, Торстен Фрај, за Првата програма на германската телевизија АРД изјави дека миграцијата мора да се сведе на „поднослива мерка“. Бројни градови и општини со години се жалат дека образованието и здравството се преоптоварени, дека трошоците на пазарот за изнајмување станови експлодирале.
Министерот за внатрешни работи очигледно се надева дека со оваа мерка ќе придонесе мигрантите да не се ни обидат на ваков начин да влезат во Германија. Во исто време, оваа мерка треба да ги мотивира соседните земји – сите се членки на Европската унија – да ги запрат мигрантите кои се на пат кон Германија. Торстен Фрај истакна дека овие мерки станале неопходни бидејќи досега не можеле доволно да се заштитат надворешните граници на ЕУ.
Која е правната основа за одлуките?
Враќањето од граница е правно спорно. Членот 18 од германскиот Закон за азил гласи: „На странец му е забранет влез во земјата, доколку доаѓа од безбедна трета земја“. Бидејќи Германија е опкружена со членки на Европската унија, таа се граничи со безбедни земји.
Европските правила, меѓутоа, предвидуваат дека прво мора да се утврди која земја е надлежна за барањето за доделување азил. По правило, тоа е земјата-членка на ЕУ во која мигрантот прво влегол. Но, факт е дека многу од нив патуваат во Германија и поради комплицирана процедура потоа и остануваат во земјата.
Алтернативно решение е содржано во членот 72 од Договорот за ЕУ, според кој е можно привремено отстапување од европската правна регулатива кога станува збор за „зачувување на јавниот ред и внатрешна безбедност“. Сепак, критериумите за примена на оваа мерка се високи. Германскиот канцелар Фридрих Мерц во Брисел изјави: „Никој во германската влада, па ни јас лично, не прогласи вонредна состојба“.
Поранешниот претседател на германскиот Уставен суд, Ханс-Јирген Папир смета дека враќањето од границите е во согласност со законот. Тој за германските медиуми изјави: „Јас на тоа гледам вака – дека е неотуѓиво суверено право на државата да не дозволи секој што го изговара зборот ‘азил’ да влезе во земјата. Според германските закони, тоа е можно и исправно – како и според европските закони”.
Политички реакции во Германија
Очекувано, некои сметаат дека овие мерки се недоволни, а други сметаат дека отишле предалеку.
Катарина Дреге, копретседателка на парламентарната група на Зелените, за дневниот весник „Рајнише пост“ изјави дека враќањето од границата е „очигледно спротивно на европското право“. Таа додаде: „Луѓето кои бараат азил на германска територија имаат право да се разгледа тоа барање“.
На Конгресот на Левицата, шефот на нивната пратеничка група во Бундестагот, Серен Пелман, остро ги критикуваше овие мерки: „Кој спроведува десничарски политики од страв од десницата, може само да загуби“. Тој додаде дека Левица силно ќе се спротивстави на таквата политика.
Социјалдемократите, коалициски партнери во владата предводена од Демохристијаните, бараат подобра соработка со соседните земји, кои не се ентузијасти за овие мерки.
Делумно екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) бара уште построги мерки. Шефицата на партијата Алис Вајдел изјави дека Мерц ветил пресврт во миграциската политика со „јасни мерки против илегалната масовна имиграција“ и дека сега ги разочарал гласачите и им попуштил на Социјалдемократите.
DW