Германија подготвена за деминирање на Ормускиот теснец

Бродовите на германската морнарица предвидени за евентуална мисија во Ормускиот теснец во моментов се на пат кон Црвеното Море. Тие треба да бидат распоредени таму однапред за потенцијална операција во овој теснец, изјави министерот за одбрана Борис Писториус во Брисел, пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО.

„Додека зборуваме, нашиот миноловец Фулда и придружниот брод Мосел минуваат низ Суецкиот канал кон Црвеното Море“, рече Писториус. „Сакаме, доколку е потребно и тоа стане реалност, да можеме брзо да дејствуваме и, пред сè, брзо да бидеме присутни во Ормускиот теснец“. Двата брода ќе бидат придружени од автономни системи, нуркачи за деминирање и заштитни сили за евентуална операција.

Целта на патувањето на почетокот е Џибути, рече Писториус. Ова сè уште не бара мандат од Бундестагот. Пловидбата е опфатена со германскиот мандат за поморската мисија на ЕУ – Еунавфор Аспидес.

Дали ќе има операција за деминирање во Ормускиот теснец засега е „отворено“, рече Писториус. Потребна е јасна меѓународна правна рамка, која може да има различни форми. За активностите за отстранување на морските мини е потребна и согласност од Иран и од Оман.

Сега многу работи зависат од тоа како ќе се развиваат преговорите меѓу Иран и САДво следните 60 дена, рече Писториус. Тој го поздрави напредокот и рамковниот договор за итен прекин на непријателствата, кој беше потпишан синоќа од страна на претседателите на САД и на Иран, Доналд Трамп и Масуд Пезешкијан Тој додаде: „Во секој случај, ние сме подготвени. Кога ќе дојде моментот, ќе бидеме подготвени“.

 

 

DW