Горан Тонев, гитаристот во бендот ДНК, по два месеца лекување во болницата „Папаниколау“ во Солун, конечно се врати дома. Тој беше меѓу повредените во трагичниот пожар што се случи во дискотеката во Кочани, во кој загинаа 62 млади лица.
На својот профил на Фејсбук, Тонев сподели фотографија со болничкиот персонал кој се грижел за него во изминатиот период, изразувајќи длабока благодарност:
„Му благодарам на Бога што ми даде втора шанса. Му благодарам на целиот персонал од болницата ‘Папаниколау’ – Солун за неизмерната грижа и нега која ми ја пружија. Исто така сакам да се заблагодарам и на персоналот во Кочани и Скопје. Голема благодарност до сите мои роднини и пријатели кои се молеа за мене.“
Во својата објава, тој не ја криеше емотивноста:
„Моите чувства се измешани – колку што сум среќен, толку сум и тажен за загубата на сите деца, а особено за моите драги колеги и другари. Сочувство за сите фамилии.“
На фотографијата, Тонев е со завој на главата и на рацете – сведоштво за сериозноста на повредите кои ги здоби во трагедијата.
4news.mk